Во пресрет на големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, меѓу народот познат како Голема Богородица, се одржува традиционална прослава во славното мијачко село Гари.

Жителите на селото, но и голем број луѓе кои потекнуваат од тука, се собираат во ова живописно населено место и со музика, зурли и тапани се движат низ сокаците кон главната селска црква посветена токму на празникот – Успение на пресвета Богородица“.

Истовремено, девојките ги облекуваат своите најубави традиционални носии и се приклучуваат на поворката кон главната селска црква.

Станува збор за православен храм изграден во 19 век. Црквата претставува правоаголна базилика, а се одликува со особено богат фрескоживопис, кој бил насликан од Дичо Зограф и неговата тајфа, богатиот иконостас изработен од гарците Марко, Јован и Петре Филиповски, како и иконите изработени од гарци.

Оваа црква, како и во останатите мијачки села е оградена со бедем.

Денот на Голема Богородица, црквата го одбележува како сеќавање на смртта на Богородица, и според евангелиската традиција, денот кога таа вискреснала на небото и го предала својот дух во рацете на Спасителот. Со оглед на тоа што Голема Богородица и претходи двонеделен пост, утре, верниците, особено жените, се причестуваат.

Во Македонија, се верува дека Богородица е заштитник на сите живи суштества, особено на родилките и мајките. Затоа, на овој ден, дамите не треба да прават ништо, туку да го посветат денот на почитувањето на Богородица. За празникот Успение на Пресвета Богородица не е добро било што да се прави со рацете, или да се започне нов бизнис. До ден-денес треба да се завршат сите летни работи на терен, и дури од Мала Богородица треба да почне со нови, есенски работи.

Иконата на Пресвета Богородица треба да биде во домот на секој христијанин. Во некои делови на Македонија сè уште се верува дека бојата на оваа икона, ако се меша со вода на овој ден, може да излечи многу женски болести. Исто така се верува дека билки и трева собрани на Голема Богородица имаат исклучително лековити својства. Се берат боровинки и лековити билки а се верува дека ќе донесат здравје и благосостојба на сите во домот.

Што се случило со Богородица после воскресението на Исус?

Преданието вели дека Богородица живеела 60. години, според некои извори 72., дека таа го надживеала својот син и како сведок на многу славни настани, ја продолжила неговата мисија. Библијата не дава сознанија за крајот на земниот живот на Богородица.
Според традицијата и списите, кои немаат световен карактер, се смета дека мајката Божја до крајот на својот живот, после смртта и воскресението Христово, живеела во Ерусалим, опкружена со вниманието на апостолите и првата христијанска заедница.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.