Поглаварот на Македонската православна црква ‒ Охридска архиепископија г.г. Стефан реагира и бара извинување од МРТ за тоа што за време на синоќешниот Божиќен концерт што беше пренесуван на МТВ1 на кајронот наместо титулата „архиепископ Охридски и Македонски“ стоеше скратената титула „архиепископ Охридски“.

За време на вчерашниот Божиќен концерт на празнични песни – одржан како завршен дел од манифестацијата „Бадникови поворки“, беше направена груба, се надеваме ненамерна, грешка. Имено, за време на Нашиот благодарствен говор на кајронот на МТВ1 наместо титулата „Архиепископ Охридски и Македонски“ стоеше скратената титула „Архиепископ Охридски.

Не сакајќи да веруваме дека станува збор за свесно или нарачано искривување на титулирањето на Поглаварот на Македонската Православна Црква ‒ Охридска Архиепископија, Ве замолуваме уште денеска во средствата за информирање на Јавниот сервис да објавите извинување за овој голем превид. Во спротивно ќе бидеме принудени и Ние лично како Архиепископ Охридски и Македонски и сите свештенослужители на Скопската епархија и на други македонски епархии да ја преиспитаме нашата соработка со Јавниот сервис, а којашто сè досега, беше исклучително коректна и плодотворната. Верувајќи дека ќе излезете во пресрет на ова наше Барање и дека во иднина нема да се прават вакви сериозни грешки, Ве поздравуваме со торжествениот христијански позив: Х Р И С Т О С   С Е   Р О Д И!, се наведува во реакцијата на поглаварот на Македонската Православна Црква ‒ Охридска Архиепископија г.г. Стефан до директорот на јавниот сервис Македонска радио-телевизија (МРТВ) Марјан Цветковски.

За време на вчерашниот пренос на Македонската телевизија од концертот на Бадниковите поворки, неговото блаженство, г.г. Стефан, поглавар на МПЦ – ОА беше потпишан со титулата „Архиепископ Охридски“, на инсистирање и според официјалниот допис од организаторот на манифестацијата.

Македонската телевизија, која вршеше пренос, се оградува од пропустот на организаторот, бидејќи јавниот сервис секогаш се придржува до целосната титула на поглаварот г.г. Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски, велат од МТВ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.