Министерот за надворешни работи, Бујар Османи ја презентираше првата фаза на проектот Е-КОНЗУЛАТ, дигитилизирана платформа на конзуларните услуги, со кој значајно се поедноставува процесот на добивање на одреден документ и зголемува ефикасноста на дипломатско-конзуларните претставништва со странство.

 

„Проектот се подготвува подолго време и произлегува од поплаките, коментарите и сугестиите на нашите државјани во странство и дијаспората. Преку него се овозможува далеку полесен пристап до конзуларните услуги:  од барањето за одредена конзуларна услуга, па се до издавањето на документот – се внесува јасна временска и системска предвидливост и се штедат средства“ нагласи Османи.

Наместо да доаѓаат до нашите дипломатско- конзуларни претставништва и да ги поднесуваат апликациите, сега тоа ќе можат да го сторат преку интернет, преку своите мобилни телефони, а за некои од побараните документи, многу наскоро ќе можат и да ги добијат по пошта назад, со што би се скратиле дури две патувања до нашите претставништва”, додаде Министерот.

 

Целиот процес ќе се одвива електронски, вклучително и добивањето на термин и плаќањето на конзуларната услуга, а меѓу услугите на Е-KOНЗУЛАТ се аплицирање за нов пасош, за патен лист, добивање потврда за државјански статус, потврда од казнена или кривична евиденција, изводи од матични книги, потврда за иста личност, спроводница, уверение за слободна брачна состојба, но и термин за други конзуларни услуги во нашите дипломатско-конзуларни претставништва.

 

Османи појасни дека со ова почнува првата фаза на проектот и дека истиот ќе се надградува во наредниот период со дополнителни услуги. Проектот е од директна полза на нашите граѓани и дијаспората во странство.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.