Не може да има целосна блокада на Собранието. ВМРО-ДПМНЕ може да ги блокира само Комисиите што ги води, а Собранието ќе продолжи непречено да работи по однос на оние точки за коишто има предуслови, според Деловникот, да се работи, вели претседателот на Собранието Талат Џафери.

Во однос на блокирањето на работата на Собранието од страна на опозицијата, Џафери, во интервју за РСЕ, вели дека Собранието функционира и ќе функционира.

Во секој случај по одлуката за блокирање тоа си е право на опозицијата, како инструмент да го искористи во Собранието, тоа е во доменот на дискусиите што се одвиваат и во работните тела и на Пленарната седница. Не може да има целосна блокада на Собранието, затоа што може да не ги разгледаат точките што се на комисиите што тие ги водат, но другите комисии кои ќе ги разгледаат точките секако има услови да се разгледаат на пленарни седници, а пленарната седница според Деловникот е планирана и има тајминг на почеток и крај на дискусијата, така што Собранието ќе продолжи непречено да работи и по однос на оние точки за коишто има предуслови, според Деловникот, да се работи, изјави Џафери.

Во однос на уставните измени, Џафери, вели дека тоа не се обврски на мнозинството или на Собранието, туку тоа се обврски што државата ги преземала на патот за отворање на претпристапните преговори и на патот за полноправно членство за НАТО.

Значи потребата за уставни измени не е заради потребата на мнозинството или не знам на кого, туку потреба на државата за да може да си го преземе и да го изоди патот, кој впрочем е определен пред три децении да се изоди со сите предизвици што ги има државата на тој пат. И во тој контекст сметам дека сите треба да рефлектираат по однос на интерес на државата и на граѓаните, а не по интерес на политичките партии и во смисла на дневна политика, борба за гола власт да се менува власта, туку во секој случај која и власт да дојде ќе мора да го изоди тој пат, нагласува Џафери.

За тоа дали очекува некој од пратениците на ВМРО- ДПМНЕ да гласа за уставните измени, Џафери нагласува дека не прави пресметки дали некој ќе може вака или онака да се однесува во однос на она што е општо добро за државата и за граѓаните.

Очекувам политичките партии, како претставници на граѓаните да рефлектираат во смисла на она што е интерес на граѓаните коишто ги претставуваме, во тој контекст очекувам, изјави Џафери.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.