Ставањето на Рамиз Мерко на црната листа на САД  е сериозна опомена против политичката мафија која владее со Македонија, смета Демократскиот сојуз. Во реакцијата на довчерашниот владин партнер се посочува дека никој не се осмелува да започне системска „војна“ за да го искорени октоподот кој го разорува целиот систем.

„Водачите на овој октопод, кој го разорува целокупниот систем, ја уништуваат државата и надежта на младите е етаблирана во партиите, Владата, судовите, обвинителствата и институциите задолжени за откривање и сузбивање на криминалот и високата корупција. Државата ни е во колапс, партизацијата и неподготвеноста да се изградат независни институции надвор од партиските влијанија и центрите на моќ, го суспендира владењето на правото и законитоста“ – стои во партиската реакција.

Од партијата на Павле Трајанов посочуваат дека на државата ѝ е потребен генерален ремонт и укажуваат дека е итно потребно да се донесе Законот за борба против организиран криминал и висока корупција.

„Потребен ни е генерален ремонт на државата, но тој процес ќе потрае сѐ до следните парламентарни и претседателски избори и донесување на нов Устав на Македонија. Инаку, Уставот го гуши демократскиот развој и одговорноста, како  предуслови за државата да се движи напред. Во меѓувреме, повикуваме најитно Парламентот да го донесе Законот за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција, со што ќе започне жестока борба и справување со криминалот што го прават функционерите.Инаку овој закон пред неколку дена во првата фаза го поддржаа пратениците од сите партии“ – истакнуваат од Демократскиот сојуз.

ДС им порачува на министрите да не се чудат, туку да погледнат околу себе и да видат дека се бетер од Мерко.

„Наместо министрите да се чудат за тоа како Мерко се нашол на црната листа, да погледнат околу себе и да видат дека се бетер од Мерко и да се повлечат од функциите, а не еуфорично да ги повикуваат институциите да делуваат, кои во суштина се блокирани од самите нив“ .



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.