Со измените на Кривичниот законик кои ги предлага Министерството за правда за првпат во нашето кривичното законодавство ќе се воведат затворски казни за загрозување на слободата на новинарското изразување, објави БИРН.
Со измените се предлага затворска казна од шест месеци до пет години за „оној што ќе нареди или спроведува цензура или пак, на новинарот противправно ќе му ја одземе или ќе му ја ограничи слободата на известување“. Истата казна треба да ја добие и оној што противправно ќе спречи да се печатат, продаваат или дистрибуираат списанија, весници или други печатени изданија или производство и емитување радио и телевизиски програми, програми на новински агенции или објавување медиумски содржини.
Во првиот став од предложениот член, кој се однесува на сите граѓани, пишува дека „тој што на друг ќе му одземе или ограничи некое право поради изразување на личен став, мислење или определба, освен ако се исполнети законските обележја на некое друго кривично дело, ќе се казни со затвор од три месеци до три години“.
Со оваа казна се предлага да се санкционира и тој што на друг ќе му ја одземе или ограничи слободата на говор или јавен настап, слободата на печатот или други средства на информирање или слободното основање установи за јавно информирање.
Пропишани се и квалифицирани облици за пет кривични дела кога се во прашање новинарите.
Тоа се убиство на новинар, за што, е предвидена казна од 10 години или доживотен затвор, потоа кривично ќе се одговара за повреда на слободата на мислење и изразување на новинар, за присилба, и за загрозување на сигурноста и спречување новинарот како службено лице во вршење на службено дејствие. Обвинителството за овие случаи ќе треба да постапува по службена должност.
Утре истекува рокот во кој сите заинтересирани можат да ја искоментираат предложената верзија на Кривичниот законик, објавена на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.