Да се покрене иницијатива за поведување постапка за кривично гонење против тројца градоначалници на Општина Демир Хисар, раководителка на Одделението за урбанизам во Општината, како и нејзиниот сопруг, сопственик на трговско друштво „Амбиент“ заради злосторничко здружување, бара Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).

Шемши Салаи, член на ДКСК, образложувајќи го предметот, појасни дека сопругот на раководителката на Одделението за урбанизам Соња Наумовска, закупил простор во сопственост на Општината, а не плаќал закупнина со години, а тоа било толерирано од страна на тројцата поранешни градоначалници Тони Ангеловски, Љупчо Блаженовски и Марјанче Стојановски.

По информациите до кои дошла ДКСК, се констатира дека Соња Наумовска и нејзиниот сопруг Раде Наумовски се стекнале со бесправна корист на средства од над милион и 500 илјади (1.502.498) денари по однос на неплатени закупнини, а поранешните градоначалници на општината не презеле должни мерки за наплата на закупот.

Во пријавата, како што беше посочено на седницата, е наведео и дека геодетските елаборати за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти во Демир Хисар ги изработиле фирми чии сопственици биле во блиски деловни односи со поранешниот градоначалник Тони Ангелески, а постоел и договор меѓу раководителката Наумовска и поранешниот градоначалник Марјанче Стојановски дека таа на негови роднини ќе им помагне при легализација на објектите, а за возврат градоначалникот да не постапува за присилна наплата за закупот.

ДКСК го разгледа и предметот отворен по барање на поранешниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов поврзан со набавката на мултифункционалната противпожарна скала. Бидејќи за овој случај Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција има отворено кривичен предмет, ДКСК ја запре постапката по овој предмет.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.