Вториот директор на Фондот за здравствено осигурување Фатон Ахмети преку објава на својот фејсбук-профил вечерва се обиде да ги објасни причините зошто не беше заедно со директорката на Фондот, Магдалена Филиповска-Грашкоска, на денешниот брифинг со новинарите.

Ахмети посочува дека патувањето му било планирано пред неколку месеци. Во Соединетите Американски Држави престојува на покана на Стејт департментот на програмата ИВЛП. Сепак, потврдува дека за патувањето користи годишен одмор, а не можноста за службено патување, но тоа, како што потенцира, било поради коректност кон институцијата во која е директор.

Како последица на многубројните дезинформации и со цел правилно информирање на јавноста, принуден сум да објаснам едно прашање. Престојувам во САД, на покана на Стејт департментот на САД, на програмата IVLP. Патувањето е планирано пред неколку месеци. Не сум на годишен одмор во САД! За коректност кон институцијата во која дејствувам, го користам годишниот одмор а не можноста за службено патување. Мојот престој во САД е целосно финансиран од Стејт департаментот на САД. Ниту еден денар не е потрошен од државниот буџет! Во тек на целиот престој бев во контакт и синхронизиран за дејствувањата со колегите од ФЗО, посочува вториот директор на Фондот.


Директорката на Фондот за здравство Магдалена Филиповска-Грашкоска сама го правдаше падот на системот на фондот во кој се слеваат најмногу јавни пари. Дека Ахмети е на одмор потврди и директорката на Филиповска-Грашкоска, но не сакаше да го коментира неговото отсуство и побара од новинарите лично да го прашаат зошто не го прекинал.

Сметам дека би било непрофесионално и некоректно да коментирам во негово име. Колегата е на одмор од пред да се случи нападот, беше известен за ситуацијата и за денешниот брифинг, но, согласно решението, тој е сè уште на одмор, рече таа.

Ахмети, пак, во својата објава на Фејсбук вели дека во текот на целиот престој во САД бил во контакт со колегите од Фондот за здравствено осигурување.

На брифингот не беше присутен ниту раководителот на ИТ-секторот, кој, како што беше соопштено, поради големиот стрес и притисок се разболел и е на боледување.  

На овој човек поради големиот стрес и притисок му се влоши здравствената состојба и замина на боледување пред неколку дена, рече директорката пред новинарите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.