Директорот на управата за финансиска полиција Арафат Муареми ги демантира обвинувањата дека премиерот Ковачевски му побарал оставка. Во меѓувреме 4 институции водат свои истраги за причините за тригодишниот неуспех за конфискација на имотот на Трансмет по донесена пресуда за сторено кривично дело.

Категорично ги отфрлам шпекулациите и натписите на одредени портали пласирани во јавноста кои се однесуваат на тоа дека сум недостапен, односно во бегство. Се наоѓам во државата и тековно ги извршувам своите работни обврски како директор на Управата за финансиска полиција. Ова го тврди директорот на Управата Арафат Муареми за Радио Слободна Европа, откако во некои медиуми беа објавени информациите дека по објавата за предистражната постапка против него ја напуштил земјата. Тој демантира дека премиерот Димитар Ковачевски побарал негово разрешување или да се повлече од функцијата.

Како и досега, и натаму ќе продолжам да ја извршувам својата функција – директор на Управата за финансиска полиција професионално, одговорно и транспарентно во своето работење, согласно позитивните законски прописи – вели Муареми во одговорот на прашањето дали размислува сам да се повлече од функцијата по отворената обвинителска постапка.

Од Владата велат дека за отворената обвинителска постапка нема да коментираат.

Охрабруваме институциите да постапуваат како и за секој друг случај, притоа почитувајќи ја презумпцијата на невиност. Неточни се информациите пласирани во јавноста дека директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми не е во државата и истиот во овој момент ги извршува своите работни обврски како директор на Управата, се вели во одговорот на Владата на прашањата на Радио Слободна Европа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.