Управителот на „Терминал – Комуналец“, Мартин Ачкоски, заминал во Хрватска да работи како келнер, а вработените во претпријатието три месеци останале без плата, обвинија денеска од СДСМ Прилеп од каде додаваат дека сметката на претпријатието останала блокирана поради неплатен ДДВ.

Кадарот на Борче Јовчески и Абрашоски, управителот на „Терминал – Комуналец“ ДООЕЛ Прилеп, Мартин Ачкоски, на 28 јуни со писмен допис овластил две лица од претпријатието – референтот на сметководство и набавувачот во трпезарија, во негово отсуство да го користат факсимилот, односно неговиот потпис за фолија за плати, налози за исплата, склучување и раскинување на договори за тир-паркингот и за кетеринг службата. Притоа, во пишаниот документ кој анонимно беше доставен до СДСМ Прилеп Ачкоски нагласил дека факсимилот можат да го користат единствено и само со негова претходна согласност дадена преку социјални мрежи, СМС, вибер, ватс-ап, месинџер или мејл. Напоменувајќи дека овластувањето важи од денот на неговото издавање и се однесува на севкупниот период на неговото отсуство од работа, управителот Мартин Ачкоски зел неплатен одмор и заминал да работи како келнер во едно од туристичките места во Хрватска со амин на директорот на ЈКП Комуналец Рубин Абрашоски. Ќе повторам уште еднаш: Мартин Ачкоски, управител на „Терминал – Комуналец“ ДООЕЛ Прилеп, зел неплатен одмор и заминал да работи како келнер во Хрватска! Да не беше жално, ќе беше смешно!Тешко е да се преброи колку пати управителот на „Терминал – Комуналец“ го прекршил законот, уште потешко да се каже која е најголемата глупост која притоа ја направиле заедно со директорот Рубин Абрашоски. Дали тоа што привремено го напуштил раководното место во „Терминал“ за да работи во странство како келнер, или тоа што овластил други лица во негово име да потпишуваат разни договори и налози, откако тој од странство, преку СМС, вибер или месинџер ќе го дозволел тоа?, прашуваат од партијата.

Тие велат дека се ова се случува во време кога вработените во „Терминал – Комуналец“ три месеци не зеле плата и кога сметката на претпријатието е блокирана заради неплатен ДДВ.

Тоа што пред два дена Управниот одбор на ЈКП „Комуналец“ го разреши Ачкоски од функцијата управител на Терминалот, не ги амнестира од одговорност оние кои дозволиле да дојде до еден ваков скандал. Од тие причини, го повикуваме градоначалникот Јовчески веднаш, повторувам веднаш да ја заврши оваа брука и срам, и да го разреши директорот на „Комуналец“, Рубин Абрашоски и со тоа барем малку од себе да го избрише срамот кој го режираа кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, скандал каков што Прилеп и прилепчани не паметат, посочуваат од СДСМ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.