Вицепремиерот за евроинтеграции во заминување, Никола Димитров, во интервју за „360 степени“ вели „воопшто не се кае“ за прес-конференцијата во средата која предизвика бурни реакции во јавмоста, а на која Димитров кажа дека нема доверба во шефот на дипломатијата Бујар Османи кога станува збор за преговорите со Бугарија, а изнесе и серија критики за состојбите внатре во државата.
Очекував напади. Некои можеби малку ме изненадија, меѓутоа таква е политиката, не оди ништо лесно. Кога човек вели ќе отворам еден непријатен разговор – суштински за тоа што правиме, каде ни оди државата, што правиме со клиентелизмот, со корупцијата…, се разбира дека ќе има напади. Едноставно, таква е реалноста – изјави Димитров.
Во одговор на критиките зошто молчел додека бил внатре во владата, Димитров вели дека воопшто не молчел туку не бил толку отворен затоа што битката ја водел внатре и тоа му била задачата.
Ако сум дел од еден тим, за своите позиции морам да се борам внатре. И не е баш дека останав без ништо, па ајде сега ќе се лутам. Ако била приказната и мојата амбиција за функции, јас добив понуда за една од најпрестижните функции во македонската дипломатија, а тоа е да ја претставувам земјата во Вашингтон или ако не е Вашингтон дури и да си изберам земја или меѓународна организација каде сакам да работам. Јавноста треба да знае дека таа функција не е толку изложена на јавност, на притисок и на стресови, а има поголеми бенефиции и околу пет пати поголема плата од платата на член на Влада – вели Димитров.
Тој додава оти решил сега да зборува затоа што нема да може „да го носи гајлето“ сам со оглед дека нема да биде дел од новата Влада.
Јас решив сега да зборувам, бидејќи гајлето што го носев јас како член на Владата и тимот во однос на преговорите со Бугарија, сега веќе нема да можам да го носам сам, бидејќи не сум внатре. Во реакција од кабинетот на премиерот се вели дека Димитров ги напаѓа позициите од кои бил дел, што ги градевме заедно. Јас во одговор на новинарско прашање на самата прес-конференција кажав дека точно, за одговорите на 5+1 точките што ги постави Бугарија, сум дел од нив и стоиме заедно, изградивме заеднички став. Меѓутоа, тој став беше мачно граден – вели Димитров.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.