Напуштени црвени линии и дипломатски дебакл, обвинува поранешниот шеф на дипломатијата Никола Димитров по објавувањето на францускиот предлог за надминување на бугарско-македонскиот спор и отворање на преговорите со ЕУ.

Не знам што е пострашно, да им верувам на нашиве дека го немаат предлогот или да не им верувам. Ако не се во тек со предлог што се однесува на македонските маки со Бугарија, тогаш тоа е признание дека не си ја работеле работата за најважното прашање за нацијата. Ако пак го имаат, а велат го немаат, си играат со довербата на јавноста, вели Димитров за ДВ.

Предлогот на француското претседателство, смета ексминистерот, не носи подалеку, а не поблиску до членство во ЕУ.

Клучното прашање е дали преку ваков договор сме поблиску до целта- членство во ЕУ. За мене, нема никакви дилеми. Со ваква рамка, ЕУ е подалеку од денес, кога се уште немаме почнато преговори, вели Димитров.

Тој објаснува дека предлози за решавање на проблем меѓу две страни секогаш прво доаѓаат до засегнатите страни, но фактот што ваков предлог „воопшто паднал на маса веќе е дебакл за македонската дипломатија“.

Внесувањето на бугарските барања во преговарачкиот процес, и тоа во најважниот дел – кластерот Фундаменти, ни ја става судбината целосно во рацете на Софија. Ако таа не е задоволна од што било (не само внесувањето на Бугарите во Уставот), ќе си стоиме во место или ќе нѐ вратат назад, смета Димитров.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.