Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во вечерашното гостување во емисијата „Што не е јасно“ на телевизија Алфа потенцираше дека коалицијата пред изборите на граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ ќе биде коалиција со граѓаните.

Нашата коалиција пред изборите ќе биде коалиција со граѓаните во Македонија, бидејќи сметаме дека овој граѓански концепт којшто излезе на политичката сцена за првпат, а мислам дека ова ќе биде и едно прво вакво искуство во македонскиот плурализам од деведесеттите години наваму треба да понуди нешто ново. Уморни се граѓаните од континуираните коалиции што се нудат во континуитет, првенствено што се интерес коалиции за практикување на власта. Ние сакаме да преземеме одговорност што ќе ја извади од криза оваа држава, не сакаме да практикуваме само власт – рече Димитриевски.

Во однос на политичката состојба во државата, тој истакна дека политиката ги има поделено граѓаните како народ и даде пример за функционирањето на граѓанската иницијатива во време на локалните избори кадешто шефот на штаб бил од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а заменик шеф на штаб од СДСМ.

Шефот на штаб беше поранешен шеф на штаб на ВМРО-ДПМНЕ, заменик шеф на штабот поранашен шеф на штаб на СДСМ, а членовите во штабот во најголем дел политички неопределени. И шефот на штаб и заменик шефот на штабот се роднини, први братучеди и поради политика не зборуваат повеќе од 20 години. Се споија во наше Куманово. Политиката не подели многу како народ. Во секое семејство има луѓе членови на семејството раскарани поради политика. Време е да ги обединиме. Премногу малку сме и ние Македонците, генерално сите кои живееме во Македонија да бидеме поделени по политичка основа. Затоа, сметам дека оваа алтернатива која што ние ќе ја понудиме првенствено ќе ги принуди и левите и десните да седнат на иста маса, да потпишат една заедничка декларација, да ги дефинираме македонските црвени линии во делот на националните интереси и повеќе никогаш да не бидеме загрижени кој тоа ќе владее со државата, дали едните или другите – посочи Димитриевски.

Во делот на социо-економските политики, тој изјави дека размислува во лева насока, но по однос на националните прашања е центар, а во одредени моменти и десно, и не дозволува никој да го гази националниот идентитет.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.