Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, вечерва во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија истакна дека Бугарија 1941-1944 година била окупациска сила, царска Бугарија била фашистичка сила.

„Во Бугарија го кажав тоа што го мислам и во секоја прилика ќе го повторам, бидејќи Бугарија дефинитивно на овие простори 1941-1944 година била окупациска сила. Царска Бугарија била фашистичка сила, но се изненадив од еден факт. Како тоа го доживуваат тие дека се администратори, кога постојат непобитни факти. Дозволете ми да покажам. Кој го направи ова во Ваташа? Не го направија нашите партизани, го направија бугарските фашисти, фашистичката полиција и војска. На овој човек му отворивме центар во Охрид и нашата држава молчеше. Со кого е сликан тука на слика? Со Хитлер. Еве го нивното раководство, дали била фашистичка или не била фашистичка држава. Еве ги луѓето коишто ги депортираа, над 7.000 евреи депортирани во Треблинка. Кои се луѓето на слика во униформите овде? Бугарски војници и полициски службеници. Замислете, на тие мои зборови ми излегува човек дописник на бугарска национална телевизија од Македонија и вели „па вие сте имале колаборационистички сили, половина и повеќе полицајците коишто работеле за тогашната административна управа биле Mакедонци. Дедо ми бил во време на српско „ич“, потоа бил „ов“ никогаш немал право да се пише Македонец. На сила го интегрирале да биде трудовак ги викале на времето или интегрирани војници коишто биле физички работници во Бугарија. Како се чувствувам? Јас се чувствувам горд како и секој Македонец, имав шанса да ја кажам вистината“, посочи Димитриевски.

Тој информираше дека не добил никакви закани, добил само одредени навредливи пораки од страна на одредени новинари коишто го повикале на интервју на одредени портали во Бугарија, да спорат во однос на вистината.

„Тоа што е многу повеќе важно е дека бугарската јавност во моментов од страна на нивната политичка елита се подготвува на една нова реалност, дека Бугарија никогаш не била фашистичка држава или соработник на фашистичка Германија во време на втора светска војна. Јас ќе ги цитирам зборовите на господинот Иван Сечанов околу 95 години, учесник на борбата на Страцин од страна на бугарските партизани. По капитулација на Царска Бугарија којшто вели доколу не беше таа битка Бугарија ќе ја доживееше својата трета национална катастрофа, затоа што беше составен дел на фашистичката коалиција. Ајде од таа историја којашто е лоша, на моменти имало и добра историја да учиме заедно да не го повторуваме тоа и да одиме напред заедно. Зошто? Бидејќи ние сме блиски како народи. Нас не негира во континуитет официјална Бугарија и час поскоро нашата македонска политичка елита првенствено на етнички македонски план ќе мора да се обедини, да направи еден општ консензус во однос на бугарското прашање и да тропнеме на вратата кај нашите стратешки партнери и да побараме целосна поддршка и разбирање за овој проблем, кадешто имаа разбирање и во многу други состојби кадешто се дефинираше оваа држава да стане независна држава во 90-тите години“, изјави Димитриевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.