Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски им го честиташе на граѓаните најголемиот македонски празник Денот на Републиката -Илинден!

„Денешниот ден, 2 Август е силен потсетник за поставувањето на темелите на современата македонска држава, но и за почит кон сите оние што се бореле за Македонија, со своите дела, подвизи, трајно вградувајќи се во државноста.

Илинден е светол македонски празник и како никогаш досега важно е да ја знаеме и почитуваме својата македонска историја. На 2 Август во 1903 започнало Илинденското востание, а во 1944 година е одржано првото заседание на АСНОМ. Денеска, нашата задача, обврска и аманет е сите заеднички да продолжиме по тој пат – да ја чуваме и да ја развиваме слободна и самостојна Македонија, кон патот на Европската Унија, но искучиво како горди Македонци, со своја македонска историја, македонски јазик и македонски идентитет!

Да го почитуваме и празнуваме овој голем македонски празник, да ја славиме македонската историја, да се грижиме за нашите граѓани да имаат подобар живот, да им овозможиме на младите поголеми шанси за напредок и да вложуваме во нивната иднина. Само на овој начин ќе можеме да кажеме дека сме успеале!

Нека ни е честит и вековит 2 Август – Денот на Републиката!

Да живее Македонија“, кажа Димитриевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.