Во име на мојата општина, на 4 февруари полагам цвеќе на гробот на Гоце Делчев. И годинава сме пријавени и очекувам одобрување. Апелирам до граѓаните на достоинствен начин да го испочитуваме ликот и делото на Делчев. Исто така, апелирам до оние кои ќе дојдат од Бугарија да покажат достоинство оти доаѓаат да почитуваат еден голем ревелуционерен лик. Не смееме да забрануваме некој да влезе во земјата, но полицијата и безбедносните служби треба да ги детектира личностите кои сакаат да направат проблем и тоа да го решат со време, вели Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово во емисијата СТУДИО 10 на ТВ24.
И Џамбаски и кој било друг што нема да ја почитува земјата, што ќе ја негира земјата, ако го сторат тоа сега треба да им се забрани понатамошен влез во Македонија, вели Димитриевски.
Тоа што го кажа Османи во Бугарија повлекува барање за оставка, вели Димитриевски за изјавата на министерот за надворешни работи со која рече дека повеќе ѝ верува на една странка во случајот отколку на органите на законот и правдата.
Македонија е демонтирана држава, службите се демонтирани. Денес нема кој да соработува со службите во заштита на државата – а тоа не е срамно – затоа што луѓе беа лустрирани затоа што работеле за Македонија, вели Димитриевски додавајќи дека државата станува се послаба.
Куманово е мултикултурен град на толерантни луѓе, вели Димитриевски за најавите за отворање уште еден бугарски клуб овојпат во Куманово. -Кај нас сите се добредојдени ако сте добронамерни. Ако не сте добронамерни и не негирате, кумановчани од добронамерен народ стануваат пркосни и реагираат, вели Димитриевски додавајќи дека прагот на толеранција не смее да се премине.
Ако има обид да се отвори бугарски клуб со несоодветно име ќе ги повикаме официјалните, државните служби да реагираат. Ако тоа не се случи, никој не може да ги спречи кумановци да се самоорганизираат, вели Димитриевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.