Техничкиот премиер Талат Џафери смета дека со измените во Изборниот законик нема целосно да се реши проблемот со валидноста на документите на граѓаните во изборниот процес и посочува дека треба да се овозможи на граѓаните да гласаат со стари документи без да има било каков рок.

Не сум убеден дека ќе се реши проблемот со патните исправи со огледа на одредбите кои ги регулира и санкционира самиот законот, во него е предвидено сите граѓани кои имаат документи со истечен рок во траење од девет месеци до денот на изборите ќе можат да гласаат. Оние кои им се постари нема да можат, значи делумно е решението, не е целосно. Ако имаме документи со истечен рок од девет месеци на 24 април ќе гласаме, но што ќе правиме на 8 мај. Сакајќи да направиме исклучок правиме друг исклучок што исклучуваме дел од граѓаните – истакна денеска Џафери.

Тој одговорајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата по извршениот увид во изградба на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, рече дека граѓаните треба да гласаат со стари документи без разлика на рокот во кој застариле.

Решението да биде отворено граѓаните кои имаат истечени документи да можат да гласаат оваа година без разлика на кој рок истекле, не мислам дека е решението целосно јас сум убеден дека ќе дојдат пак во Влада за дополнителни решенија. Ќе треба да размислат или Собранието или ние во Влада ќе треба да го доисправиме овој проблем – подвлече тој.

Вчера без расправа беше изгласан Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка, чија цел, како што претходно образложи пратеникот Мартин Костовски, е да се допрецизира постојната правна рамка и да се доуредат одредбите од постојното законско решение во насока на инклузивен изборен процес за сите учесници на изборите.

Меѓу другото, се допрецизираат одредбите во однос на регистрацијата на гласачите со цел сите гласачи кои ги исполнуваат условите да бидат запишани во избирачките списоци, со отстранување на ограничувањата врз основа на истечени документи за идентификација, како и со разјаснување на процедурите за вклучување во избирачките списоци на лицата кои ќе наполнат 18 години помеѓу двата изборни круга.

Со преодната одредба на законот се уредува правото избирачите да може да гласаат со лична карта или патна исправа чија важност истекла во периодот од девет месеци до денот на одржување на изборите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.