Кандидатот за лидер на СДСМ Јован Деспотовски по прогласувањето на изборните резултати изјави дека се радува за Венко Филипче како другар, но не и за партијата.

СДСМ е голема и слободарска партија. Не можеме да збориме за избран претседател на партија кога 10.000 членови не гласаа, а имаме избран претседател со 9 илјади гласови. Им благодарам на сите кои гласаа, но им благодарам и на оние кои излегоа, а не им беше дозволено да гласаат, а такви има многу. Додека не одговориме на две прашања во оваа партија, не мислам дека треба да зборуваме за завршени избори. Зошто на тие 10.000 членови не им беше дозволено да гласаат и зошто оние кои излегле, биле вратени. За резултатот немам коментар. Како другар се радувам за Венко, затоа што ми е стварно другар, ама не и за СДСМ. И вечерва зградата е празна и тоа треба да нѐ загрижува – рече Деспотовски.

Тој истакна дека има стотици, илјадници луѓе кои веруваат во промената која ја започнале, а тоа го добил од средбите со граѓаните пред изборите.

Таа промена нема да заврши денеска, бидејќи е почната и нема да запре – изјави Деспотовски.

Деспотовски најави дека утре ќе поднесе приговори поради забележани изборни нерегуларности.

Околу 20 часот Деспотовски постави две клучни прашања и за кои побара итен одговор од Централната изборна комисија.

Како ни се случи над 10.000 наши членови кои се регистрирале за гласање односно изразиле инцијатива да учествуваат во изборниот процесот не можеа односно не го остварија своето право на глас денеска?

Како ни се случи на голем број на наши членови кои беа уредно регистрирани и дојдоа на избирачките места да не им е овозможено правото на глас?

На овие две клучни прашања, но и на останатите забелешки кои дојдоа од мрежата контролори низ цела држава, нашиот тим веќе утре ќе поднесе приговори. СДСМ мора многу сериозно да се позанимава и да одговори на овие прашања пред воопшто да се дефинира став во врска со овие избори. Ова, без разлика на исходот од денешното гласање и резултатите кои ги очекуваме во следните два часа“, вели Деспотовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.