Македонија е заглавена во политичко мочуриште, неопходни се темелни реформи и кадровска обнова доколку сакаме да се придвижат напред сите процеси. На овие избори се одлучува за тоа дали ќе се вградат во системот вредности кои независно од власта ќе гарантираат изградба на пристојна и модерна европска држава, држава на слободни и креативни граѓани, горди на самите себе и на државата на која и припаѓаат и ја градат, велат од Демократскиот сојуз на Павле Трајанов.
Од тука упатија порака до граѓаните да излезат и да гласаат.
Демократскиот сојуз предлага:
„Прво, темелни уставни реформи (нов Устав), со кои ќе се етаблира функционална, современа и демократска држава, ќе се зајакне унитарниот карактер на државата, целосна департизација и деполитизација на виталните државни институции, ќе се ослободиме од решенија (Бадентер, Балансер итн.) кои го блокираат демократскиот развој и јакнење на одговорноста на секој граѓанин.
Во оваа насока ќе се направат и коренити промени на изборните правила (Македонија да биде една изборна единица), со цел да се обезбеди демократизација на државата и јакнење на одговорноста на носителите на јавни функции. Преку измената на Уставот и законите за политичко организирање и дејствување, ќе се демократизираат партиите и другите облици на здружување на граѓаните.
Второ, коренити реформи на правосудниот систем, рекомпонирање на Судскиот совет преку начинот на избор на судии и обвинители, ревизија на нивната работа, ограничување на мандатот на 5 или 7 години, со право на реизбор, уставни измени поврзани со кривична одговорност за одлуките што ги носат судиите и независен буџет.
Идентични реформи ќе има и во јавното обвинителство, а предлагаме и донесување Закон за Уставниот суд, транспарентен начин на избор на судии во уставниот суд итн.
Трето, системски промени во поставеноста на борбата против тешките облици на криминал, нивна рационализација и формирање на високопрофесионална Агенција за борба против тешките облици на криминал и висока корупција, реформи во поставеноста на службите за безбедност (разузнавање и контраразузнавање) и нивна целосна деполитизација, безбедносни проверки и ветинг за сите вработени, кадровско прочистување и обезбедување плати во висина на платите на обвинители, судии итн.
Четврто, реформи во јавната администрација, преполовување на бројот на министерства, агенции, регулаторни тела, укинување на заменици министри, заменици директори на јавни претпријатија, целосна дигитализација на администрацијата, проверка на стручноста на вработените во јавната администрација, професионализација и обезбедување плати согласно сложеноста на задачите кои ги извршуваат итн. Предлагаме намалување на бројот на пратеници на 90.
Петто, посебна програма за младите, услови за да отвораат бизнис, да создаваат семејства (поволни услови за купување стан, изградба на куќа и сл.), најмалку 30% од кандидатите за советници, пратеници и други функционерски и раководни места да бидат предвидени за младите до 30-годишна возраст.
Шесто, слободна пазарна економија, Македонија да биде информатичка сила, целосна дигитализација, развивање на заштита од сајбер напади, примена на вештачката интелигенција, гасификација, исфрлање на енергенси кои загадуваат, замена на возниот парк со електрични возила итн.
Седмо, бесплатно образование (згрижување на децата во детски градинки, предучилишно образование, основно, средно и високо образование, магистериум и докторат), заострување на критериумите и контрола на приватниот образовниот процес, бесплатна здравствена заштита и дисперзија на терцијарната здравствена заштита, како и создавање услови за модернизација и повисоки плати.
Осмо, слобода на медиумите и едукација за препознавање лажни вести, формирање фонд за поддршка на медиумите, на младите таленти во уметноста, спортисти итн. Само со масовно гласање можеме да тргнеме напред“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.