Делегацијата на Европската Унија ги разгледува предлог измените на Кривичниот законик по скратена постапка и сè уште не може да коментира за употребата на знамето на ЕУ во овој конкретен случај.

Делегацијата на ЕУ ги разгледува предлозите објавени вчера на веб-страницата на Парламентот врз основа на стандардите и нормите на ЕУ. Сè уште не можеме да коментираме за употребата на знамето на ЕУ во овој конкретен случај, но потсетуваме на општото правило дека употребата на оваа постапка треба да биде ограничена на предлози кои го усогласуваат домашното законодавство со стандардите и нормите на ЕУ, велат за МИА од Делегацијата на ЕУ.

Комисијата за европски прашања денеска го проследи на натамошна постапка во Собранието предлогот на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик по скратена постапка.

Предложените измените на Кривичниот законик главно се однесуваат на измени на членови кои ги засегаат функционери, службени и одговорни лица во јавни претпријатија и установи, а се предлагаат и измени на кои се однесуваат на загрозување на животната средина.

Во измените на Кривичниот закон се брише ставот 5 од членот 353 кој предвидуваше затворска казна од најмалку 5 години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување при вршење на јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот. Во измените на овој член новина има и со додавањето на став кој предвидува одземање на прибавената имотна корист.

Со измените во членот 353-в, кој се однесува на делото „несовесно работење во службата“, за кое досега беше предвидена казна од минимум три години затвор за службено или одговорно лице во јавно претпријатие или установа кое ќе прибави значителна имотна корист, казната е намалена на шест месеци до пет години.

Наместо максималните десет години затвор кои досега беа предвидени во членот 394 казните за „злосторничко здружување“, односно за тој што ќе создаде група или банда, со измените се предвидува максимална казна затвор до три години. Намалување има и за членовите на групата или бандата кои ќе извршат кривично дело, максималната казна затвор од 5 години се намалува на максимални 2 години. Токму со делото „злосторничко здружување“ беа опфатени и голем број на обвинетите во предметите од СЈО.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.