Ревидираниот отчет на министрите од ДУИ веќе е на маса пред лидерот Али Ахмети и очекувањата на придржувачите на Изет Меџити се дека претседателот на партијата ќе му предложи на премиерот Димитар Ковачевски реконструкција на Владата во делот на министри од ДУИ, брифираат за „Слободен печат“ од незадоволната група.

Тие остануваат на барањето за смена на првиот вицепремиер Артан Груби и на други министри што треба да се одлучи на состанокот на Централното претседателство, закажан за в сабота напладне, во централата во Мала Речица. Во спротивно, останува можноста за формирање фракција во ДУИ.

Според извори на весникот, впечатливо е дека поправките на извештајот за сработеното на министрите од ДУИ во изминативе две години ја направил предводникот на незадоволните членови во ДУИ,  Изет Меџити, иако Ахмети, по состанокот на ЦП пред половина месец, изјави дека извештајот ќе го доуредат тројца високи функционери. Тогаш Ахмети информира дека корекција на отчетот ќе прават Меџити, Груби и генералниот секретар Фатон Ахмети.

Нејасно е дали Груби работел и дали воопшто имал увид во поправениот извештај. Поддржувачите на Меџити велат дека е битно што отчетот е испратен до Ахмети.

Повеќе на „Слободен печат“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.