Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците денеска треба да ја одржи 39-та седница на чиј дневен ред е Предлогот на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик.

Подносители на Предлог-законот се пратениците Павле Трајанов од ДС, Маја Морачанин од ДОМ, Моника Зајкова и Боби Мојсоски од ЛДП, Љупчо Балкоски од ВМРО-НП, Димитар Апасиев и Борислав Крмов од Левица, Панчо Минов од СДСМ и сега веќе поранешниот пратеник на ДОМ, Мирослав Богдановски.

Со предложените измени се бара пратениците на Собранието да се избираат со пропорционален модел без изборен праг, при што државата би била една изборна единица, со што според предлагачите, ќе им се овозможи на помалите политички партии „да го остварат своето право на претставување“. Покрај ова, со поднесениот Предлог-закон се предвидува на етничките заедници кои се застапени со помалку од 20 проценти од населението да им се гарантира пратеничко место, доколку „освоиле најмалку ист број на гласови со бројот на гласови потребни за пратеничко место“.

Овој Предлог првично беше ставен на дневен ред на собраниската седница закажана за 18 мај минатата година година како 58 точка, но расправата по него не започна.

Пратеникот Павле Трајанов смета дека процесот на усогласување траел долго, речиси една година, и очекува Предлог законот да помине на Комисијата, бидејќи текстот е целосно поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ даде начелна согласност. Сепак, тој не исклучува и блокада на предложените измени.

– Гледано според јавните изјави повеќе од 90 пратеници ги поддржуваат промените, Македонија да биде една изборна единица, пропорционален модел и пресметката за пратеници да се одвива преку Д’Онтовиот модел. Така што, можно е да се донесе, не викам не, но можно е некој да го блокира законот. Дали ќе се одлучат да го блокираат законот некои од партиите, ДУИ или некоја друга партија, но тоа што бараа меѓупартиска соработка, разговори, сето тоа може да се одвива во Парламентот, да ги видиме аргументите кои се за и против. Очекувам повеќето пратеници да бидат за донесување на измените на овој Изборен законик, вели Трајанов.

Според Арбер Адеми од ДУИ, за измени на вакви значајни важни законски решенија, потребен е поширок меѓуетнички и меѓупартиски консензус. Тој вели и дека ДУИ не е за промена на постојниот изборен модел со шест изборни единици.

– Кога се работи за изборниот модел и Изборниот законик треба да потврдам дека не постои усогласеност околу овој Предлог-закон. Пак ќе повториме дека треба сите политички партии да седнат, да разговараат за сите прашања за кои постои интерес помеѓу различните политички партии. Настојуваме дека изборниот модел треба да ја рефлектира хетерогеноста на нашето општество и мислиме дека постоечкиот модел со шест изборни единици тоа најдобро го отсликува, вели Адеми, посочувајќи дека ќе настојуваат да продолжат со преговори, а одлуките за Изборниот законик да се носат врз основа на аргументите.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ потврдија дека ќе го поддржат Предлог законот, со цел одржување предвремени избори.

– Ние како најголема опозициска партија излеговме во пресрет на малите партии во врска со нивните барања. Измените на Изборниот законик треба да имаат една цел, а тоа е да го засилат плурализмот, демократскиот процес во Република Македонија и на тој начин да се изгради и да се изнајде систем за најдобро да се изрази волјата на граѓаните. Во таа насока сме отворени да разговараме, изјави пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, сосема е легитимно партиите да водат сметка за своите сопствени интереси, да ги искажуваат во бројки изразени во мандати, но доаѓаат моменти кога треба да се грижат пред се, за државните интереси.

По расправата во собраниската Комисија, Предлог-законот потоа треба да оди на пленарна седница на која се очекува да се донесе одлука за одржување на јавна дискусија за предложените измените на Изборниот закон, во која може да се вклучат сите засегнати субјекти – парламентарните и вонпарламентарните партии, невладиниот сектор, експерти, медиумите… Телото што ќе ја следи јавната дискусија ќе подготви извештај до Парламентот и можно е преку оваа јавна расправа да се иницираат амандмански промени.

Во рамки на Министерството за правда кон крајот на декември 2020 година беше формирана интередисциплинарна Работна група, со мандат за изработка на целосно нов Изборен законик.

Владата во своето мислење за Предлог-законот, дадено на 13 април минатата година, наведе дека процесот на усвојувањето на Изборниот законик „неминовно ја наметнува потребата од консензус на сите политички партии“, па затоа е потребна поширока дебата интередисциплинарната Работна група со сите парламентарни партии. Владата оцени дека е упатно Работната група да го разгледа доставениот Предлог-закон за изменување и дополнување на Изборниот закон, со цел тој „да биде предмет на поширока дискусија меѓу струката и политиката, а конечниот предлог за измени на Изборниот законик да биде резултат на сеопфатен, инклузивен и консултативен процес, со цел гарантирање на правната сигурност



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.