Пет лица се во притвор, едно лице е во бегство – ова е досегашниот епилог од истрагата за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска, како и убиството на велешкиот фризер, Панче Жежовски. Тие прво во Велес го убиле фризерот, го закопале во јама длабока 3 метри и ми го зеле возилото. Возилото подоцна го користат за извршување на ново кривично дело – киднапирање на малолетно лице од центарот на Скопје. Вања, според истрагата е киднапирана во влезот од зградата во која живее, врзана во вреќа за спиење е ставена во багажникот на возилото на веќе убиениот Панче. Девојчето го носат кон Бразда, каде, од сѐ уште неразјаснети причини, ја убиваат, ја закопуваат и го палат возилото. Ова се случува во период од неколку дена, по што организаторот, Љупчо Палевски Палчо, кој според истрагата, го испукал и куршумот со кој ја убил Вања, е во бегство. Беше приведен и таткото на Вања, кој наводно давал информации кога е најдобро неговата ќерка да биде киднапирана за да се бара откуп од мајката за која имале сознание дека има доста пари. Денеска е приведено уште едно лице кое на Палевски му помогнало да избега во Турција. Очигледно се работи за организирана група која извршила кривични дела поради остварување профит.

Целиот случај го води Основното јавно обвинителство Скопје. Се поставува прашањето зошто овој случај не е во рацете на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција? Дали групата ќе одговара и за злосторничко здружување, дело за кое се предвидени казни затвор?

Адвокат Јанаки Митровски
Фото: Фејсбук/Јанаки знае

Го прашавме адвокатот Јанаки Митровски дали случајот со двојното убиство ги исполнува условите да биде преземено од страна на Организиран Криминал. Митровски вели:

За една група да се карактеризира како организирана треба да брои најмалку три члена и да постои определен период со цел да врши кривични дела казниви со најмалку четири години затвор. За двете дела е предвидена таа минимална казна (за грабнувањето четири, за двојното убиство десет). Второто прашање е дали таа група постоела определен период или е ад хок. Не е исклучено и дека Обвинителството за организиран криминал би го презело понатамошното гонење доколку истрагата тоа го наложи – вели Митровски.

Според ова, се чини, делото ги исполнува условите да биде преземено од Организиран криминал. Но дали тоа ќе се случи? Обвинителот од ОЈО Скопје, Гаврило Бубевски вчера посочи дека се истражува дали се работи за организирана група и доколку доказите укажат на тоа, надлежно може да биде друго обвинителство.

Со Митровски поразговаравме и за прес-конференцијата на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и јавниот обвинител Гаврило Бубевски. Пресот создаде многу конфузност во јавноста. Митровски пак се оградува. Не сака да коментира сметајќи дека јавноста има лимитиран пристап до информации за убиството на Вања и Панче.

Сѐ уште како јавност имаме многу лимитирани информации, има многу шпекулации, па оттука не би можел да шпекулирам – вели Митровски.

Тезата на кој начин, и поважното кога се убиени Вања и Панче, е врз основа на тврдењето на осомничените, што не мора да значи дека тоа е вистината. Можеби тие намерно ја вртат приказната во погрешен правец за друг да биде заштитен, или пак да се заштитат себеси, кога веќе некој е во бегство. Кој тоа може да го потврди, со оглед дека, барем до моментот на одржување на прес-конференцијата, резултатите од обдукцијата не беа пристигнати. Дали тие се убиени со пиштол, од која далечина, дали можеби смртта на Вања настанала од задушување, она за кое говореше и Фросина Ременски, по што настанала таа паника кај киднаперите… Во јавноста се коментираше дека наводно девојчето се задушило, па поради сознанија на киднаперите дека казната за задушување е доживотна, а за убиство со огнено оружје пониска, се решиле а истрелаат куршум како би дале впечаток дека се работи за убиство со пиштол.

Го прашавме адвокатот Јанаки Митровски Дали задушување е потешко кривично дело од пукање со пиштол. Има информации дека девојчето е прво задушено па е пукно во неа?

Митровски вели:

Во услови кога настапила смрт методот е неважен. Но доколку се покаже дека не е пукано туку е задушена( што е малку веројатно бидејќи прострелна рана има) би се довела во прашање директната, но не и евентуална умисла да се убие девојчето.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.