Што се случува во триаголникот Вилма Рускоска, Љубомир Јовевски и Арафат Муареми? Денеска главниот обвинител Јовески ја суспендираше шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Рускоска поради претресот кај првиот човек на Финансовата полиција Арафат Муареми.
– Во согласност со член 93 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Македонија денеска поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеа 6 од Законот за јавното обвинителство, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
За Русковска и колешките, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска е покренета дисциплинска постапка и се бара утврдување на одговорност за трите обвинителки.
Многу набрзо беше објавено дека еден од суспендираните обвинители е токму Русковска. Таа и официјално потврди дека е суспендирана, по што со придружба ја напушти зградата на Обвинителството. Љубомир Јовески, за Фокус изјави дека Рускоска сѐ уште ги нема доставено одговорите околу спорниот претрес во Финансиската полиција, кои од неа тој ги побарал.
Брзо по суспензјата на Русковска, оставка поднесе и Муареми. Тој потврди дека заминува заради одлуката на Јовески и за да нема сомнеж дека тој може да влијае на постапката која ја води Обвинителството против органзииран криминал.
Ваквата одлука ја носам со цел во јавноста да не постои ни најмал сомнеж во интегритетот, непристрасноста и независноста на постапката која што и понатаму останува да се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, вели Муареми.
Јовески може да поднесе дисциплинска постапка во неколку сличаи а еден од нив е намерно или неоправдано се направи крупна професионална грешка. Муареми се жалеше до државниот обвинител дека Русковска со колешките извршиле незаконски претрес во канцелариите на Управата, а Јовески испрати двајца обвинители за да проверат што и како се работи во Организиран. Во извештајот констатираа дека има неправилности при постапувањето во предметот. Судирот во истражните органи трае веќе еден месец. Од друга страна, Русковска побара помош и од меѓународните институции поради притисокот на власта за откриените криминали на владини функционери.
Јавноста веќе почна да прашува зошто Јовески ја суспендираше Русковска доколку навистина има докази за криминали на високи функционери?! Дали аферата со Муареми носи до криминали на имиња многу поголеми од Арафат? Дали Муареми и Финансовата полиција рекетирале физички и правни лица? Зошто Муареми поднесува оставка доколку се работи за грешка на Рускоска? Дали Јовески по нечие барање ја суспендира Рускоска? Дали сето ова се прави за мир во куќа, односно за мир меѓу СДСМ и ДУИ?! Кои се владините функционери и моќници кои се инволвирани во криминал а за кои Рускоска зборуваше и бараше помоѓ од меѓународни институции поради притисокот кој бил вршен врз неа? Кој од владата на Зоран Заев и Димитар Ковачевски се инволвирани за криминалите за кои Рускоска зборуваше, а Јовески не и дозволи да ги обелодени и истера до крај? Има ли министри кои се на власт во списокот на Рускоска за криминали на влдини функционери? Кои се тие?
Како започна сѐ?
Откако беше направен претрес во УФП пред повеќе од еден месец, за кој во почетокот имаше молк и не се соопштуваше ништо, освен дека е сторен по пријава што стигнала од ОЈО ГОКК од граѓани уште во мај, се огласи Муареми со обвинување во јавноста дека претресот што се врши од ОЈО ГОКК е надвор од вообичаените процедури. Тој тврдеше дека во налогот пишувало дека треба да уследи претрес во неговиот дом, а се вршел во просториите на УФП. Покрај тоа во налогот не било посочено што се бара, што беше протолкувано како надвор од Законот за кривична постапка и злоупотреба и на Судот, кој издал налог за претрес без основани сомневања за сторено кривично дело. Муареми испрати претставка до Јавниот обвинител Љубомир Јовески и до Советот на Јавните обвинители, а подоцна и до Судскиот совет. Рускоска тврдеше дека сè е законски. Како што тогаш реле нема потреба од нервозна реакција на Муареми. Но Јовевски на 1 август излезе со соопштение во кое беше посочено дека има повеќе нарушени процедури во постапувањето на ОЈО ГОКК.
При заведувањето на оформениот предмет нарушена е хоризонталната надлежност и организацијата на Јавното обвинителство. Кривичната пријава се однесува на лица од Управата за финансиска полиција, кои имаат полициски овластувања, а по таквите пријави надлежно е да постапува Специјализираното одделение за гонење на кривични дела извршени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција. Според тоа, тројцата јавни обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кои постапувале по овој предмет, а не се дел од Специјализираното одделение, ненадлежно постапувале по кривичната пријава – стоеше во соопштението од Јовески.
Рускоска му порача на Јовески да не се меша во постапувањето по конкретен предмет. Таа нагласи дека се истражува и постапувањето на Муареми, кој е избрано и именувано лице од Владата и прашање е дали воопшто може да се смета за лице со полициско овластување, а уверена е и дека ЈО излегува од законот, наведувајќи дека нема право да дава препораки и упатства.
Покрај тоа што немаат законско право да се мешаат во постапување по конкретен предмет, прашање е дали директорот има полициски овластувања со оглед на тоа што го именува Владата. Јавниот обвинител на Република Македонија и јавните обвинители на јавните обвинителства не може да донесуваат упатства и насоки кои се однесуваат на работата на конкретни предмети на јавните обвинители – рече Русковска.
Но таа не го коментираше тврдењето на Јовески околу налогот од Судот и како Русковска го обезбедила:
Во образложението на барањето на Судот погрешно му се даваат податоци дека Јавното обвинителство има основи на сомнение дека е сторено кривично дело, а во списите од предметот има само анонимна кривична пријава. Анонимната кривична пријава и конкретните наводи во неа, непоткрепени со ниту еден доказ или со други средства, можат да бидат повод за поведување кривична постапка, но таа не обезбедува определен степен на веројатност дека ќе се пронајдат траги на кривичното дело или предмети важни за кривичната постапка за да има основи за барање на претрес на простории на државен орган и претрес на лице.
Покрај тоа, во образложението на барањето за издавање на наредба за претрес се наведува дека во предметот се води предистражна постапка, а при увидот е констатирано дека во списите постои само барање за претрес и писмо, кои се први дејствија преземени во постапката по анонимната кривична пријава – се вели во Соопштението од надзорот што го сториле двајца обвинители распоредени да вршат надзор по претставки и по налог на Јовески.
Муареми најави дека ќе поднесе кривични пријави против трите обвинителки од ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска, за злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување службена исправа. Тој обвинуваше дека Обвинителството не постапувало по предмети кои Финансовата полиција ги испраќала. Е зошто Муареми до претресот не запрашал што е со предметите кои тие ги испраќале до Обвинителството, одговор нема.
Русковска побара од надлежните органи, но и од меѓународниот фактор да се инволвирал во целиот случај и да ја спасат од притисокот што незаконски и го прават во име на криминалот:
Јас како обвинител со стаж повеќе од 34 години, во кои обвинител за организиран криминал од самото основање на Одделението за организиран криминал на ЈОРМ далечната 2004 година, нема да дозволам лице за кое се проверува постапувањето да ми го валка образот и честа кои долги години макотрпно сум ги градела. Честа, угледот, поштењето, ги имам научено од мала возраст од моите родители кои и двајцата се бореле со фашистите за денешна слободна и независна Македонија. Татко ми беше потполковник на дивизија во НОВ, закопан со бугарски куршум. Мајка ми партизанка која лежела во бугарски затвор и која се борела и на Сремскиот фронт“, стои во обраќањето на Русковска до јавноста и до амбасадите.
Таа ги повика надлежните институции во државата, какои сите меѓународни институции и амбасади, пред сè Амбасадата на САД и Канцеларијата на ЕУ, еднаш засекогаш да ги проверат сите факти и да се расчисти – кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот.
-Исто така, ја замолувам и Европската обвинителка Лаура Ковеси, ако е во можност, да дојде и да ги провери сите предмети на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, откако јас сум на чело на Обвинителството, со посебен осврт на предметите за Рашковски, Зеќири и овој најновиот, за Муареми“, повикува Русковска.
Се огласи и Муареми:
Ја повикувам Вилма Русковска, доколку располага со сознанија и информации за сторен криминал од моја страна – истите да ги докаже и на јавноста да ѝ пласира обвинителен акт против мене, а не празни и неосновани сознанија и информации, дискредитирајќи ја во целост функцијата која ја извршува. Негонење на криминал поради притисоци претставува кривично дело, обвинителке. А вашата чест и углед е беспредметнo да ги коментирам. Се придружувам и јас кон вашиот повик до амбасадите и сите страни на кои се повикувате за ‘помош’ – нека го потврдат и тие она што Јавниот обвинител на Република Македонија го утврди со надзорот над вашето незаконско работење и неетичко постапување. Одговорност за вашето самоволие мора да има.
Што сега по суспензијата на Русковска?
Русковска е суспендирана. Јовески на некој начин ја запре постапката која таа ја започна и за која тврдеше дека има докази за криминали на високи функционери. Дали тоа ќе биде крај на истрагата на Обвинителството?! Ја одигра ли Јовески улогата на медијатор, направи ли чекор по нарачка за да ги задоволи двете страни?! Што се кријат доказите на Рускоска? Зошто поита Јовески да го спречи она кое Рускоска го започна и за кое тврдеше дека има докази?
Излегуваат разни тврдења, муабети, непотврдени информации. Се зборува и за докази за љубовни афери во финансовата полиција кои траат со години наназад и кои имаат влијание врз работењето и функционирањето на институцијата. Но да се надеваме дека прво ќе ги видиме доказите и имињата на инволвираните високи функционери, па потоа и за аферите.
Кој е Арафат Муареми?
40-годишниот прв човек на Финансовата полиција прв пат беше назначен за в.д директор на оваа институција во 2017 година, а во 2018 година стана директор. На 15 февруари годинава му истече четиригодишниот мандат, и владата повторно го назначи за в.д директор со мандат од шест месеци, со можност за негово продолжување од уште шест месеци. Денеска поднесе оставка за да не влијаел на постапката која се води.
Муареми го врзуваат многу афери. Беше објавена снимка пред избори на која директорот на Финансиската полиција се заканува со инспекции.
Во јули годинава беше објавено дека против него е поднесена кривична пријава од граѓанин поради Злоупотреба на службената положба и овластувања, насилство и малтретирање во вршење на служба.
Неофицијално, Муареми во јавноста се споменува како дел од случаи за кои се води постапка во Јавното обвинителство за организиран криминал за вршење притисок врз правни субјекти кои биле рекетирани и уценувани да исплатат „црни пари“, а за возврат институциите да не ги гонат за кривични и други дела сторени од нив.
Архивата вади повеќе наслови поврзани со Муареми:
„(Документи )Катиљ ферманот на Арафат Муареми – треба да дадеш 50.000 евра за директорот за да се смири ситуацијата!“
„Киднапирање, уцени, закани и рекет: Како оперирал Арафат Муареми?“
„Од 2017-та преку Еуростандард банка се пepeле пари?“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.