Очигледно дека Сојузот на средношколци индиректно ја фаворизира положбата на владата со нивното барање да се прифати понудата на владата во преговорите со СОНК.

Со ова, Сојузот на средношколци демонстрира пред сѐ незрелост при пристапување на оваа проблематика, бидејќи квалитетот на наставата зависи од задоволството на просветните работници.

Крајно е несолидарно од страна на Сојузот на средношколци, да се бара од просветните работници да се откажат од своите барања и да престанат со штрајкот, во услови кога платата на нивните професори како резултат на инфлацијата секојдневно се намалува и губи од својата вредност.

Не е доста тоа што владата се ползува со најразноразни притисоци и закани со цел да го обесхрабри штрајкувањето на просветарите, па во неговото гостување на Сител Телевизија, претседателот на Сојузот на средношколци, Лука Павиќевиќ, исто така индиректно го впери прстот кон просветните работници.

Со ова се потврдува дека владата го користи Сојузот на средношколци, како уште една алатка за вршење притисок врз просветарите да престанат со штрајкот. На чело на оваа злоупотреба на Сојузот на средношколци, е младиот Лука Павиќевиќ, кој на бескрупулозен начин ги манипулира средношколците со цел да се продаде кај владеачката СДС.

За близината на Лука Павиќевиќ со СДС, сведочат бројните слики кои се појавија на социјалните мрежи, каде се гледа како токму младиот Лука стои рамо до рамо со највисокото раководство на СДС.

Таквата близина на Павиќевиќ до СДС, го прави ништо друго, освен продолжена рака на СДС, со што се делигитимира Сојузот на средношколци, како непартиско здружение кое се залага за напредување на правата на средношколците, и од тоа се претвара во партиски подмладок на СДС.

Дополнително, од сликите кои се појавија на социјалните мрежи, може да се забележи дека Павиќевиќ се залага за “европска Македонија”. Ако веќе се смета себеси за поддржувач на европските вредности, нели е малце нелогично да се опструира напорот на просветарите да се изборат за покачување на платата. Како што сите знаеме, во земјите на Европската Унија, никогаш не се игра со платите на професорите и не се прават вакви очајнички обиди да се сузбие штрајкот.

Црвена Младина во целост го поддржува штрајкот и воедно ја поздравува одлуката на СОНК штрајкот да продолжи. Секој работник, а меѓу нив и просветните работници мора да се избори за фер третман, во систем кој постојано ги обесправува.


Црвена младина



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.