На 23. 11 2022 година БГНЕС пренесе вест под наслов ИСТОРИЧАРИ: ФАШИЗМОТ НИКОГАШ НЕ ДОЈДЕ НА ВЛАСТ ВО БУГАРИЈА.

Во него се соопштува на јавноста дека група „водечките бугарски историчари: проф. Даниел Вачков, Николај Попетров, проф. Ангел Димитров, вонреден професор Наум Кајчев, проф. Иван Илчев, проф. Веселин Јанчев, проф. Ивајло Знеполски, Ангел Јонев, вонреден професор Александар Гребенаров и други., пази молим те, даваат „мислење“ дека „фашизмот никогаш не доаѓа на власт во Бугарија. Фашистичките организации не учествуваа во владеењето на земјата во текот на целиот период од 1920-тите до есента 1944 година“.

Меѓу другото во „мислењето“, испратено до БГНЕС, „Бугарските историчари нагласуваат дека во Бугарија не е создадена водечка фашистичка партија, која би имала можност да бара политичка моќ. Режимот воспоставен по 1934 година не го води фашистичка партија, не исфрла фашистички лидер. Покрај тоа, тој е во конфликт со фашистичките организации, забележуваат историчарите. Ни режимот нема фашистичка идеологија. Колку и да е чудно, тој воопшто не создава систематизирана идеологија“ и заклучуваат дека „власта на земјата од 1934 до 1944 година беше авторитарна, но не и фашистичка. За целата деценија од своето постоење, политичкиот режим остана целосно непартиски“,

По се изгледа се нема мерка од бугарска страна во обидот да се прикажат пред светот дека Бугарија не била фашистичка држава туку дека биле на страната на Антифашистичката коалиција и во тој контекст не бираат начини и форми како тоа да го изведат. Ова е само еден од примерите како работат бугарските историчари и прават ревизија на историјата.

Сигурно дека можност нешто да променат гледаат преку работата на македонско-бугарската Комисија за историски и образовни прашања во која тројца од потписниците на „мислењето“ се членови на Комисијата и можат да го наметнат истото „мислење“, на македонскиот дел од Комисијата дека Бугарија не била фашистичка држава туку дека била „авторитарна“ што секако би било прифатливо за двете Комисии и прашањето во однос на именувањето на Бугарите во учебниците како фашисти ќе биде заменето со авторитарна држава и во тој контекст понатаму ќе нема антифашистика војна туку таа ќе биде антиавторитарна, во Бугарија ќе нема монархо фашистичка диктатура туку монархо авторитарна диктатура, договорите од Париската мировна конференција ќе добијат друга конотација и така со мислењето на своите „водечки бугарски истричари“ Бугарија ќе го „измие“ своето наци-фашистичко минато.

Меѓутоа, од ова „мислење“ на „водечките бугарските историчари“ може да се заклучи дека во бугарското општество постојат струи, за жал и од историската наука, кои без скурпули настојуваат да направат ревизија на историјата со цел да го избришат фашизмот од својата меморија. Но, од друга страна, има и историчари, социолози, политиколози и др. кои ја прифаќаат реалноста и за нив нема сомневање за тоа дали Бугарија била или не била наци-фашистичка држава,пишува за „Пресинг ТВ“ историчарот Тодор Чепреганов.

Тој „историски судир“ меѓу самите Бугарски историчари, социолози, политиколози и др. научни работници само покажува дека самите тие не можат да се излезат од магичниот круг во кој се наоѓаат во обидите за ревизија на сопственото минато и уште повеќе тоа да биде прифатено од другите.

Но по се изгледа, тоа е тешко остварливое затоа што заборавањето води кон повторување на минатото некогаш како фарса, а почесто како трагедија. Затоа секој со својот товар на историјата. Од тоа бегање нема.
Во прилог пренесуваме само неколку фрагменти од научни трудови на бугарски научни работници во однос на тоа дали Бугарија била или не била фашистичка држава:

Проф. дфн. д-р ист. Нако Стефанов, во својот труд „ Фашизмот – вчера, денес, утре – суштина и цели “ истакнува:

„Значи, на прашањето дали имало фашизам во Бугарија и од кога почнува тој, мислам дека одговорот може да биде потврден. Да, имаше! Веќе на 9 јуни 1923 година, беше првиот бран на фашизмот, кој понатаму се развиваше по ‘колеблива крива’. Се додека не се достигне зрелата, врвна фаза во историјата на бугарскиот фашизам во првата половина на 1940-тите на XX век. Иако и тогаш му недостигаат дел од клучните карактеристики на класичните примери во лицето на италијанскиот фашизам и германскиот национал социјализам. Но и покрај оваа ‘нецелосност’ уште во својата врвна фаза режимот на монархофашистичката моќ целосно се вклопи како еден од одредите на светскиот фашизам со неговите најважни карактеристики.

„Тој е дефинитивно терористичка диктатура. Жив пример за државниот тероризам врз сопствениот народ и соседните народи кога во поддршка на ‘пријателот Хитлер’ делува како окупаторска сила во територии за кои Бугарија има морално и национално право… Но, кога ова ‘национално обединување’ беше постигнато со помош и поддршка на Хитлерова Германија, нашата држава го губи ова морално право. Излегува точно спротивното. Срамниот сојуз со Хитлер ја доведе Бугарија на работ на уште една национална катастрофа изразена во отцепување не само на ‘новите земји’, но и во опасност од одземање територии од ‘Стара Бугарија’, од која опасност нашата татковина е спасена од ‘проклетиот Сталин и Советскиот Сојуз’“.

И Симеон Игнатов, претседател на Бугарскиот Антифашистички Сојуз, во својот труд „Фашизам и неофашизам“, прашува „Дали и порано имало фашизам кај нас до 9 септември 1944. Дали постоеле монархофашизам, антифашистичка борба и антифашисти“.
„Ние, убедени во историските факти, секогаш тврдевме, ние и денес тврдиме дека имало и фашизам и антифашистичка борба. Еве ги фактите: Герила и членови на борбени групи – 30.000. Убиени партизани – 9140. Јатаци и помагачи – 200.000. Убиени јатаци и
помагачи – 20 070. Поминале низ полициски станици – 64 345. Поминале низ затвори и концентрациони логори – 31 250. Учесници во патриотската војна – 416 854. Загинале во патриотската војна – 10.753. Може да се наведат бројки. Тие го одредуваат интензитетот на зборување факти. Но, историски е неточно да се тврди дека немало фашизам и антифашистичка борба.

И поради спротивставените изјави, Бугарија е единствената земја во Европа и во светот во кој врховниот државен орган – Народното собрание, не ги признава учесниците во антифашистичката борба за учесници во Втората светска војна. Овој факт го претставува Бугарија и бугарскиот народ на светската сцена и историјата како непостоечка држава и заедница, кога целиот свет во тие години гори во пламен, давајќи жртви, тука е Холокаустот – борба нечовечка, сурова на живот и смрт. Во спротивно остануваме народ – без историја и без иднина!“

Дали Бугарија била фашистичка држава пишува и доц. д-р Минчо Најденов кој истакнува:
„Во Бугарија, фашистичката диктатура е воспоставена на 9 јуни 1923 година, кога политичката група Народен Сговор со крвав пуч ја собори легитимната влада на Бугарскиот земјоделски сојуз (БЗНС). Бугарскиот фашизам е антидемократски, антисоцијален, со јасни форми на насилство врз општеството. Тие беа особено видливи во бруталното задушување на Септемвриското востание од 1923 година и во априлските настани од 1925 година, кога беа убиени илјадници работници, селани, левичарски интелектуалци, писатели, новинари и прогресивни граѓани. Во суштина, во 1923 година кај нас започна необјавена граѓанска војна, која траеше до 9 септември 1944 година.

„Фашизмот во Бугарија покажува најцелосен и најбрутален ѕверски мизантропски облик во периодот 1941-1944 година, кога на целата територијата на земјата избувна моќна антифашистичка борба. За за разлика од Југославија, Грција и Албанија, каде што државниот и полицискиот апарат беше тотално поразен, бугарската антифашистичка борба дејствуваше под целосно зачувани државни структури, војска и полиција. Уште повеќе, фашистичката влада го донесе Закон за заштита на државата и беа формирани жандармерија и специјални ловни единици, кои заедно со војската и полицијата ги гонеа и убиваа антифашистите…

Важна карактеристика на бугарскиот антикомунизам стана препишувањето на историјата пред 1944 година. Најсуштинскиот елемент на оваа дејност е негирањето дека во Бугарија од 1923 до 1944 г. царуваше фашизмот. Бидејќи нема фашизам, затоа нема и антифашистичка борба. Таа е целосно отфрлена. Тоа е лесно заборавање на илјадниците жртви – антифашисти, а нивните џелати незаконски изградија параклис во паркот пред НДК, цинично наречена споменик на жртвите на комунизмот. Интересно е да се забележи дека покрај нив пишува и имиња на вистински убиЈци, до нив се испишани имињата на семејствата на криминалци и на лицата кои починале од природна смрт. Не престануваат обидите да се прогласи Народниот суд за нелегитимен и суров, бидејќи со неговите пресуди бил ликвидиран цветот на бугарската интелигенција.

Мора јасно да кажеме, дека Народниот суд не е бугарски изум. Слични судови се создадена во сите земји кои се бореа против фашизмот, со одлука на конференцијата во Техеран во 1943 година со учество на Сталин, Рузвелт и Черчил, што беше потврдено на Конференцијата во Јалта во 1945 година, на која повторно големата тројка зборуваше за идниот поредок на светот. И лагата дека Националниот суд кај нас ја уништи интелигенцијата на земјата, лесно се побива со статистичките податоци за казните изречени од него. За време на октомври 1944-март 1945 година обвинети во 125 судења пред Националниот имало 21024 луѓе. Вкупно 9.191 од нив беа осудени како што следува: – 1305 – „доживотно“
– 4348 – од 1 до 20 години затвор
– 808 – осуден на условна казна
– 11.833 – беа ослободени
– 2730 – добија смртни казни,
од кои 1.376 се спроведени, а останатите се откажани.

„Само за споредба ќе забележиме дека во Франција народните судовите осудуваат на смрт 6102 соработници на фашистичкиот режим и илјадници други добија различни казни.
„Учесниците во антифашистичката борба се нарекуваат ‘фанатици’, ‘кашкавалаџии’, ‘бандити’, ‘разбојници’, ‘кокошкари’, односно антифашистичкиот отпор кај нас се делегитимира. Во истата шема социјалистичката револуција од 9 септември 1944 година, која спроведе квалитативни социо-економски и социо-класни промени во Бугарија, е опишана како чист воен удар“.

Сигурно дека секој може да мисли што сака. Но како историчари, пред се, треба да ги оставиме историските документи да го дадат своето „мислење“, ни се допаѓало тоа или не. Останува надежта дека еден ден ќе има и такви доблесни бугарски историчари, како горенаведените, кои нема да „бегаат“ од историската вистина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.