Со цел да не се направат поголеми политички тензии ВМРО-ДПМНЕ треба да ги номинира министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, како и замениците министри, смета аналитичарот Владимир Божиновски.

Посочува дека техничката влада е важна за СДСМ, бидејќи преку неа власта сака да го оправда договорот на екс премиерот Зоран Заев и Али Ахмети за поставување на технички премиер од ДУИ.

-Ќе им биде тешко ако немаа техничка влада, да им објаснат на граѓаните зошто поставуваат премиер од ДУИ, наместо премиер од СДСМ, вели Божиновски за Курир.

Божиновски истакнува и дека со учеството на ВМРО-ДПМНЕ во техничката Влада може да се влијае во спречување на евентуален изборен поткуп и изборен притисок кој може да го направи власта, што впрочем е и предвидено кога се формираше Пржинската Влада.

-Доколку ВМРО-ДПМНЕ има луѓе внатре во институциите ќе се обиде да спречи доколку дојде до одредени појави или обиди за изборен поткуп. Многу е поважно да се следи целиот изборен процес и да се види кои инструменти може да ги искористи власта со цел да направи одреден изборен притисок. Минатите избори имаше Пржинска влада, но имаше одредени сомневања за обиди за поткуп, преку фондации и делење пакети. Се надевам дека и самата власт, која е свесна дека нема голема поддршка, ќе се воздржи од какви било обиди за поткуп. Најважно е самите граѓани и медиумите да алармираат доколку има некоја ваква појава, вели Божиновски за Курир.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.