Анџела Прајс Агелер, која беше номинирана од страна на претседателот Џо Бајден за амбасадорка на САД во Македонија, за време на сослушувањето во Сенатската комисија за надворешни работи, истакна дека ќе работи на национална стратегија преку која ќе се бара одговорност од корумпираните актери во земјата доколку таа и биде избрана за оваа функција, пренесува Гласот на Америка на македонски.
САД и Македонија имаат многу заеднички приоритети, вклучувајќи ги борбата против корупцијата, подобрување на владеењето на правото и зајакнување на доброто владеење. Доколку бидам потврдена, ќе ги охрабрам судските реформи и ќе ги повикам институциите на Македонија да промовираат транспарентност во истрагата на наводите за злоупотреба и одлучно да се спротивстават на корупцијата за да ја зајакнат довербата на јавноста во владеењето. Ќе работам со меѓуагенциските партнери за да ѝ помогнам на Македонија да развие национална стратегија која ефективно ќе бара одговорност од корумпираните актери – изјави Агелер.
Агелер, исто така, порача дека САД ја поддржуваат Македонија во нејзината долготрајна цел за пристапување во ЕУ.
Ние цврсто стоиме зад процесот на проширување на ЕУ затоа што го унапреди демократскиот развој и промовираше мир, стабилност и просперитет на европскиот континент, градејќи посилни стратешки партнери за САД. Македонија ги надмина тешките предизвици и направи тешки избори да направи историски чекори напред на нејзиниот пристапен пат. Доколку бидам потврдена, ќе се надоврзам на овие успеси за да го обезбедам тој пат напред – изјави Агелер.
Доколку биде потврдена за амбасадорка, Агелер, истакна и дека ќе работи на стратешкиот дијалог меѓу двете држави преку продлабочување на воената соработка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.