Заменикот на Претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска беше домаќин на делегација предводена од Кристијан Сагарц, европратеник од Австрија и известувач во сенка за Република Македонија во Европскиот парламент.

За време на средбата, пред делегацијата во која учествуваа и неколку австриски бизнисмени беа претставени инвестициските потенцијали на Република Македонија, со посебен акцент на можностите во делот на обновливи извори на енергија и производство.

Вицепремиерот Битиќи ги потенцираше одличните економски односи со Австрија и ја реафирмираше спремноста на македонската Влада за интензивирање на соработката во делот на „ниршоринг“ и зајакнување на синџирите на снабдување.

Истовремено, Битиќи се заблагодари на придонесот на Република Австрија во евроинтегративниот процес на Република Македонија и изрази уверување дека македонските власти се силно посветени во реализација на реформските процеси кои се дел од евроинтеграцискиот пат.

Европратеникот Сагарц ја истакна спремноста за политичка и економска поддршка во европската интеграција на Република Македонија и истакна дека австриската Влада ќе продолжи да биде силен промотор и партнер на Македонија и останатите земји од Западен Балкан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.