Младинското движење на студентите „Студенстки отпор“ најавува мирен студенстки протест којшто, според објавата на социјалната мрежа Фејсбук, ќе се одржи в понеделник во 16 часот пред Собранието под мотото „Стоп за уништување на студентскиот стандард“.

Во објавата Студенстки отпор пишува дека преку протестот ќе побараат повлекување на предложените измени на Законот за студентски стандард, изедначување на стипендиите со повискиот износ, изземање на студентите од антикризните мерки на Владата за рационализација и штедење на струја и подобрување на условите и итна санација каде што е неопходна во студентските домови.

-Со децении наназад студентот од Македонија е жртва на лошите политики и институционалната пасивност. Крајно време е да се спротиставиме на уништувањето на студентскиот стандард. Затоа, време е за студентски отпор!, наведува Студентски отпор.

Претходно партеничката од ЛДП Моника Зајкова исто така во објава на Фејсбук напиша дека се повлекува Законот за студентски оброк кој, како што посочи, предизвика оправдани реакции меѓу студентите по однос на критериумите кои се вметнати него, заради усогласување во овој дел заедно со претставниците на студентите.

Таа ги повика претставниците на универзитетските студентски собранија на средба во Собранието в понеделник во 16.30 часот на која најавува дека „заедно со министерот за обарзование Јетон Шаќири ќе се дискутира за заедничко  решение кое ќе биде системски воспоставено и ќе обезбеди здрав оброк на студентите, како што и била првата намена.

И покрај најавите за повлекување на Предлог-измените на Законот за субвенциониран студентски оброк, студентскиот протест нема да се откаже, најави организаторот синоќа.

Оттаму нагласуваат дека на протестот не е дозволено да се користат политички одбележја, а барањата на студентите произлегуваат од деценискиот игнорантски однос на институциите и намерата за ништење на студентот во Македонија.

Студентскиот протест е индикативен дека нешто е гнило во општеството, а избликот на истиот е најискрен.
Кризите во кои се наоѓа Македонија, молкот од страна на студентите и пасивноста на студентските организации – се мотивација на властите да удираат по грбот на студентите сѐ посилно. ДОСТА Е!
Барањата на студентите произлегуваат од деценискиот игнорантски однос на институциите и намерата за ништење на студентот во Македонија.
Ние, студентите, бараме надлежните да не нѐ игнорираат и со нивните политики да не си поигруваат со нашата судбина.
Во период во којшто треба да се донесе буџетот за 2023 година, нашите првични барања од кои не отстапуваме се:
▶️ Издвојување на средства од буџетот за зголемување на износот на субвенционираниот студентски оброк од 120 денари на 150 денари дневно, како и тргање на сите предложени нови критериуми за исполнување на правото на субвенциониранот студентски оброк;
▶️ Издвојување на средства од буџетот за израмнување на сумата на стипендиите согласно измените од последното покачување на стипендиите;
▶️ Издвојување средства за реновирање и обезбедување на нормални услови за престој во студентските домови, долгорочен план за формирање на „студентски градови” и стоп за најавената приватизација на студентските домови;
▶️ Издвојување доволно средства за изземање на студентите од антикризните мерки на Владата за рационализација и штедење струја;
Уште еднаш ве повикуваме на мирен протест во понеделник во 16:00 часот пред Собрание да го искажеме нашиот револт и најавуваме дека нема да отстапиме додека не се исполнат нашите барања! Крајно време е!
🔺Политички обележја на протестот не се дозволени и како организатори се оградуваме од било каква политичка конотација!
#СтудентскиОтпор
#НемаДаВиПомине



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.