Пратеникот од Движењето Беса, Фадил Зендели денеска изјави дека неговата партија добила покана за средбата на првите луѓе на партиите на Албанците во земјава со албанскиот премиер Еди Рама, но рече дека тие нема да присуствуваат на неа. Тој оцени дека оваа средба е во полза на ДУИ и дека секогаш кога оваа партија има внатрешни проблеми се одржуваат вакви средби во Тирана.

Ние имаме покана од премиерот на Албанија за утрешната средба. Централното претседателство одлучи дека ние сме спремни да соработуваме со Република Албанија и со премиерот Рама, но како политичка партија Движење Беса не сме спремни да седнеме на иста маса со ДУИ. Во овој момент на ДУИ му е потребна средба во Тирана. Не гледаме дека на некој друг му е потребна таква средба. ДУИ има интерес од една таква средба како што тоа ја злоупотреби во 2017 година за свои цели. Секогаш кога имаат свои внатрешни проблеми со свои внатрешни противници, (ДУИ) бараат помош од регионот. Не гледаме дека сега треба да им излеземе на помош – рече Зендели.

Тој потенцира дека кога политичките партии на Албанците барале да седнат на маса да се договорат за некои прашања, лидерот на ДУИ никогаш не бил подготвен да зборува со нив, а дури и во некои медиуми ги има навредено нарекувајќи ги злобници.

Ако сме ние злобници тогаш не гледаме никаква причина да седнеме со него на иста маса кога нему му е потребно – истакна пратеникот на Беса.

Движењето Беса, додаде тој, има сопствени автономни политики и смета дека треба да соработуваме тука внатре.

Ќе имаме средба со премиерот на Албанија, но не кога тоа е во полза и во интерес на ДУИ и на нејзините интереси – истакна пратеникот Зендели.

Лидерите на политичките партии на Албанците во земјава утре се очекува да заминат на заедничка средба во Тирана на покана на албанскиот премиер Еди Рама.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.