Како што црвите и мувите се штетници за лозарите, така владиците како Агатангел се штетни за црквата и за граѓаните. Со вакви погрдни зборови министерот од владата на Ковачевски и лидер на ЛДП, Горан Милески, го коментираше денешниот говор на митрополитот на поварадарската епархија Агатангел на настанот за закројување на лозјата што денеска се организираше во Кавадарци по повод празникот Свети Трифун – Денот на лозарите.
Владиката Агатангел го навреди голем дел од македонското население и ја извалка мантијата под која што е. Да беше свесен што зборува, немаше да го каже. Господинот Агатангел, ако може да се нарече господин, е срам и штетник за црквата и од МПЦ треба да размислат кого испраќаат на вакви настани, рече меѓудругото Милевски од плоштадот во Кавадарци.
Возљубени чеда на Господа, чеда на нашата света македонска црква и на оваа света наша македонска земја, денес во градот Кавадарци, во срцето на Тиквешијата, со вашиот градски татко и нашиот драг градоначалник Митко Јанчев, со претседателот на најголемата и најсвета партија наша партија, ВМРО-ДПМНЕ, господинот Мицкоски, со сите пратеници, членови на Општината и сите советници, сите добронамерни луѓе, да го благословиме овој ден на лозарите, на виното, на љубовта. Се собравме заеднички да ја искажеме и болката и тагата, но еве ние Македонците ја забораваме и болката и тагата кога треба да се радуваме. И навистина денеска се радуваме што нашиот градоначалник, најдобриот градоначалник на оваа наша света македонска земја, господинот Јанчев, нè собра да го прославиме овој голем ден, рече владиката на почетокот од говорот.
Потоа, Агатангел зборуваше и за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, нарекувајќи го „нашиот претседател“ за кого рече дека верува оти со помош од Бога и Богородица ќе го врати назад она што е свето македонско и национално. Првин со него (Мицкоски), рече владиката, а потоа и со божја помош. Нема да дозволиме, порача Агатангел, некој што не ја чувствува Македонија да ја одредува судбината на нашата земја.
Сакам, можеби некој ќе ми замери, но еве некој вчера зборуваше да не зборуваме и да не гледаме на состојбите што ни се случуваат со емоции. Но, ние Македонците сме емоционални луѓе, ние Македонците сме патриоти, ние си го сакаме својот македонски јазик и држава, својата македонска нација и сето она што е свето и македонско бидејќи тоа го примивме од нашиот свет апостол Павле кој шеташе и чекореше по оваа света македонска земја. И затоа примајќи ги овие свети молитви од овие наши дедовци и прадедовци јас длабоко од душата и срцето верувам дека нашиот претседател на најголемата и најсвета партија ВМРО-ДПМНЕ, господинот Мицкоски, се ова што го дадовме, верувам дека ќе го вратиме назад. Првин со него, а потоа и со божја помош. Јас верувам дека Бог, спасителот наш Исус Христос, мајката Божја Богородица, која е заштитничка на оваа света македонска земја, ќе му помогне него и на сите негови соработници на се она што е наше свето македонско, национално, ќе го вратиме назад и нема да дозволиме некој кој не ја чувствува Македонија национално да ја одредува судбината на нашата света земја, рече меѓудругото Агатангел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.