На 22 јануари се полага главниот квалификациски тест за 130 слушатели во Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО). Но, за да може оние од списоците на ДУИ&СДСМ да поминат со максимум бодови, владата донела заклучок квалификацискиот тест да се полага писмено, наместо електронски, објави денеска Антонио Милошоски.

Според документите што ги објави Милошоски, ова е спротивно на членот 39 од Законот за АСЈО, каде што изрично е наведено дека квалификацискиот тест се полага по електронски пат, а се со цел да не може некој од Управниот одбор на АСЈО да им ги доодговори прашањата на владините фаворити за судии и обвинители.

Владата ѝ се брза да протне уште 100тина свои обвинители и судии, бидејќи знае дека е во заминување. Но, Директорката на АСЈО, Габер, како и членовите на Управниот одбор треба сериозно да размислат дали ќе постапуваат по заклучокот на владата или ќе ги почитуваат законските обврски за полагањето на квалификацискиот тест. Како поука може да им биде случајот на Мухамед Зеќири, кој како генерален секртар на владата предност им даваше на владините заклучоци, наместо на законските норми, но потоа не заврши славно, коментира Милошоски, потсетувајќи дека скандалот со М-НАВ уште еднаш покажа дека оние кои незаслижено станале обвинители и судии се тие кои ја рушат довербата во правосудството. Загрижувачки е што владата на ДУИ и СДСМ спрема уште стотина такви.

 

Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) се најде во небрано како да го продолжи спроведувањето на примениот испит за кандидатите од 9-та генерација слушатели за идни судии и јавни обвинители затоа што Владата преку Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) сѐ уште не ја завршила постапката за избор на фирма која ќе се грижи за непречената работа на електронскиот систем за полагање на испити. Поради ова, Владата на седницата одржана на 26 декември 2023 година спротивно на законот донела заклучок приемниот испит наместо електронски да се изврши писмено, во хартиена форма.

Поради ова Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) на 25 декември 2023 година се обратила до Владата „за изнаоѓање на итно интервентно решение за продолжување на приемниот испит за 9-та генерација слушатели во почетната обука“.

Повеќе на МКД.мк



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.