Со громогласен аплауз и солзи радосници беше дочекана веста кога поглаварот на СПЦ соопшти дека ја прифаќа автокефалноста на МПЦ-ОА денеска на заедничката литургија во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје.

На заедничката литургија денеска во Соборниот храм во Скопје со која чиноначалствуваа поглаварите на МПЦ-ОА и СПЦ, архиепископот охридски и македонски Стефан и патријархот српски Порфириј беше соопштена радосната вест.

Ви носиме уште една радост. Светиот Собор на СПЦ едногласно излезе во пресрет на молбата на МПЦ-ОА, ја одобрува и ја прифаќа автокефалноста. Српската православна црква (СПЦ) ја призна автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), објави поглаварот на СПЦ, Порфириј.

Тој додаде дека Светиот собор на СПЦ ставил на должност на Синодот во соработка со архиепископот Стефан и неговиот Синод, да разработат техничко-организациски детали, по што ќе следи свеченото прогласување на официјален акт.

Одлуката за признавањето на автокефалниот статус на Македонската православна црква ОА ја поздрави државниот врв во двете земји бидејќи со неа се стави крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.