Државната комисија за спречување на корупција утврдила неколку слабости при спроведувањето на постапката за јавна набавка на возила преку изнајмување по пат на оперативен лизинг на јавните институции. Членот на Државната комисија за спречување на корупција, Шемши Салаи на денешната 70-та седница на ДКСК реферирајќи за предмет за набавката на поголем број на возила од страна на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија во 2021 година, истакна дека видни се недостатоци во процесот на планирање на примената на ваквата опција, пред сè отсуство на опсежна анализа на аспектите на нејзината економска оправданост. Од овие причини ДКСК одлучи материјалните од извршените анализи да ги достави до заменикот на претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, со цел да се регулираат и отстранат слабостите утврдени со анализата.
– Потенцијалниот ефект на ваквиот недостиг е уште поголем доколку се земе предвид обемот на примена на оперативен лизинг од страна на институциите – врз основа на јавно достапни податоци, ДКСК утврди широко распространета пракса на склучување на договори за изнајмување на возила преку оперативен лизинг од страна на други државни органи, јавни институции и единици на локалната самоуправа, рече Салаи.
Според податоците објавени на електронскиот систем за јавни набавки заклучно со март 2022 година, во периодот од 2018 до 2021 година, како што наведе Салаи, биле склучени договори во вкупна вредност од најмалку 307750153 денари (5004068 евра). Договорите се склучени со различни оператори, при што учеството на Порше Лизинг ДООЕЛ Скопје е најголемо – 89 отсто од вкупната вредност на договорите склучени во посочениот период.
Следна слабоста која е идентификувана во ова анализа на ДКСК, е отсуството на процедури или соодветни подзаконски акти со кои се регулира обврската за соодветно планирање на потребата од возила со конкретни карактеристики и прецизна намена од страна на службата која планирањето треба да го спроведува со детален осврт кон сите финансиски, безбедности, еколошки и други аспекти, вклучително и условите за користење на возила со такви карактеристики (распоред, приоритет, околности, време на користење, часови на користење итн.).
– Конкретно, двете последователни постапки на СОЗР се за еднаков број на возила, што наметнува сомнеж за тоа дали воопшто службата ја следи потребата од возила и дали набавката произлегува од прецизно утврдена потреба, изјави Салаи и посочи дека како друга слабост е детектирана и нерегулираноста на постапката за подготовка на техничка спецификација и на дејноста на издавање на мислење за техничка спецификација, кои претходат на започнувањето на постапката за јавна набавка.
Воедно, реферирајќи за предмет оформен по сопствена иницијатива членот на ДКСК, Салаи, посочи дека од добиените информации не произлегува дека се сторени повреди на законски одредби при спроведувањето на постапката за јавна набавка на возила преку изнајмување по пат на оперативен лизинг, ниту при активностите кои претходеле на спроведувањето на истата.
Во текот на постапувањето по предметот од ДКСК посочија дека се стекна со сознанија дека праксата на користење на возила од страна на СОЗР по пат на оперативен лизинг постои уште од 2012 година. Од извршениот увид во доставената документација произлегува дека во 2012, 2015, 2018 и 2021 година, по спроведени 5 постапки за јавни набавки биле склучени 5 договора за користење на возила по пат на оперативен лизинг. Сите договори се за набавка на поголем број на возила – сите за потребите на СОЗР и за период од по 36 месеци. Вкупната договорна вредност на истите, со вклучен ДДВ, изнесува 387382967 денари (6298910 евра).
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, на ова седница меѓу другото извести дека од утре почнува да се применува Законот за лобирање со тоа што запишувањето на лобист или лоби организација се врши преку поднесување на пријава до ДКСК, која цени дали се исполнети законските услови за запишување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.