Бројот 112 како број за итни случаи при соочување со опасност го препознаваат 17,3 отсто од испитаниците. Најголем дел од испитаниците или 58 отсто кога ќе наидат на опасност најпрво би се јавиле во полиција на 192, а 18,3 отсто не знаат каде треба да се јават. Ова на денешната прес-конференција го соопшти директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.

Тој ги презентираше резултатите од анкета спроведена за потребите на ЦУК, за мерење на свесноста и познавањето на граѓаните за единствениот европски број за итни случаи 112 и улогата на Центарот за управување со кризи. Анкетирањето е спроведено од 29 мај до 2 јуни 2023 година на репрезентативен примерок од 1067 испитаници од страна на агенцијата „Маркет Висион“.

Ангелов информира дека на граѓаните им се добро познати броевите за итни случаи. Најголема свесност постои за бројот 192, односно за полиција или овој број го знаат 72,1 отсто од испитаниците. Најмала свесност постои за бројот 193 или 56,9 отсто од испитаниците знаат кој е бројот на противпожарната бригада.

На прашањето „Сте слушнале ли за бројот 112?“, 37,4 отсто од испитаниците се изјасниле дека го знаат бројот 112, а 62,6 отсто одговориле дека не го знаат овој број.

Ова не наведува на зкалучокот дека треба да работиме на популаризација на бројот 112. Притоа упатуваме молба до сите медиуми, да го популаризираат бројот 112, на тој начин да им помогнат на граѓаните, потенцира Ангелов.

Тој додаде дека во согласност со политиката на Владата и доколку се создадат услови ќе се обидат да издејствуваат и платена кампања со цел да се запознае јавноста преку медиумите.

Ангелов рече дека за постоење од една и пол година се задоволни од процентот на испитани граѓани кои го знаат бројот 112 или 37,4 отсто и најави дека во следниот период ќе работат на тоа што повеќе граѓани да дознаат за овој број.

Поголем дел или 73,5 отсто од испитаниците слушнале за ЦУК, при што половина од испитаниците (54,8 отсто) точно го препознаваат како институција која ја координира соработката меѓу одделните институции. Останатата половина го препознава по активностите, односно настаните кои ги има координирано. Испитаниците најмногу се сеќаваат на пожарите во Источна Македонија – 51,9 отсто и случајот со мостот Беласица – 26,6 отсто.

Позитивен став за работата на ЦУК имаат 28,5 отсто од испитаниците, негативен став – 15,4 отсто, 22,2 отсто не знаат или не можат да оценат, а 33,8 отсто се со неутрален став. Позитивен став за работата на директорот на ЦУК имаат 30,1 отсто, неегативен став – 19,4 отсто, 26 отсто не знаат или не можат да оценат, 24,5 отсто се неутрални.

Ангелов рече дека корисно е граѓаните да го знаат бројот 112 и додаде дека се уште остануваат во функција телефонските броеви 192, 193 и 194.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.