Претседателот на државата е познат по неговите тривијални настапи, често задоцнети и за работи кои не се во негова надлежност. Очекував од Советот за безбедност да видам анализа за случајот со Онишченко, однос зошто државата дава пасош на белосветски криминалци и зошто државата дозволила да биде засрамена пред целосната безбедносна структура на нашите пријатели во светот, изјави за „Тема на денот“ на Сител, Стефан Андоновски, секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ, во врска со изјавата на Пендаровски дека ќе бара Џамбаски да му се забрани влез во Македонија.

Андоновски додаде дека Пендаровски сака да игра лошиот полицаец, а Османи добриот полицаец односно Бујар Османи да дозволува влез на вакви лица, а додека Пендаровски препорачува дека тоа не е соодветно иако знаеме дека тој нема надлежност.

Ќе очекував дента кога Џамбаски ги негираше Македонија, македонскиот народ и јазик, истиот ден да биде прогласен за персона нон грата, испратен до граница и да има реакција од МНР до Европскиот парламент. Ако имале вистинска намера можеле истиот ден да постапат. Со 10 дена задоцнување и кога Османи кажа дека не смета дека треба да се донесе таква одлука, ова е само замајување на јавноста, рече Андоновски.

Во врска со случајот со Пендиков во Охрид, Андоновски потенцира дека насилството не е решение, но власта наместо да дава политички изјави требаше да остави службите да го разрешат случајот. Андоновски посочи воедно срамно е да се гледа како Османи во својство на министер не реагираше на навредите за Македонија.

Мислам дека вчера беше најтрагичниот ден гледајќи го Бујар Османи како министер за надворешни се почувствував навредено и засрамени затоа што стоејќи до бугарскиот министер за надворешни работи тој немо стоеше кога тој кажа дека во Македонија постојат црни традиции на насилство, убиства итн. Така да мислам дека Османи тоа што остана и не прокоментира дека единствените црни петна во македонската историја поврзани со насилство е бугарскиот фашистички окупатор и неговиот престој во Втората светска војна. Црна традиција е брутално тепање и мачење на Страшо Пинџур и Мирче Ацев кои подлегнуваат на повредите, изјави Андоновски.

Според него да не реагирате на таква изјава е навредливо и требаше Пендаровски да го прокоментира однесувањето на Османи.

Османи не ја брани агендата на Македонија, туку ја брани агендата на личен пиар, лично градење да може да си ја продолжи својата кариера во политиката, истакна Андоновски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.