Хелсиншкиот комитет за човекови права, Македонското здружение на млади правници и ИРЛ ќе им понудат бесплатна правна помош на граѓаните чии права како пациенти биле грубо загрозени од приватни или јавни здравствени установи.
Документарниот филм „Нечиста крв“, во продукција на Истражувачката репортерска лабораторија, откри низа прекршувања на основни човекови и уставно загарантирани права, како и целосно затајување на системот, кој е должен да превенира и да ги заштитува граѓаните од злоупотреби. Со оглед на бројните пријави од граѓани, кои пристигнаа во ИРЛ по емитувањето на документарниот филм, а имајќи предвид дека правното процесирање на случаи не е во доменот на една медиумска редакција, ИРЛ воспостави соработка со Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници. Целта на оваа соработка е воспоставување заеднички и систематизиран пристап кон соодветно процесирање на пријавите од граѓаните чие здравје и права како пациенти биле грубо загрозени од здравствените установи, приватни и јавни, како и особено од отсуството на суштински надзор врз нивната работа од страна на надлежните институции – се вели во денешното соопштение од Хелсиншкиот комитет.
Од Хелсиншкиот комитет нагласуваат дека иако случаите со прекршување на здравствените права се континуирано присутни во нашата секојдневна пракса, ковид-пандемијата извадила на виделина длабоки системски проблеми, кои од една страна предизвикуваат тешки последици по здравјето и животот на луѓето, а од друга, овозможуваат огромен профит за поединци на грбот на пациентите и нивните семејства.
Покрај досега пристигнатите пријави, ги охрабруваме и останатите граѓани со документацијата којашто ја поседуваат, да пријават лично во Хелсиншкиот комитет за човекови права или во Македонското здружение на млади правници, како овластени даватели на правна помош (на адресите подолу во текстот), доколку има индиции дека се соочиле со – несовесно лекување болни, доколку при укажување лекарска помош лекарот примени очигледно неподобно средство или начин на лекување или нема да примени соодвeтни хигиенски мерки и воопшто несовесно постапува и со тоа предизвика влошување на здравствената состојба на некое лице, неукажување медицинска помош, односно доколку лекар или здравствен работник не му укаже неодложна медицинска помош на лице кое се наоѓа во опасност за животот, непостапување на институциите по поднесени претставки од граѓани…. – се вели во соопштението.
Во него се додава дека граѓаните ќе добијат правна помош и доколку се сомневаат дека биле дел од клиничко испитување без нивно знаење или им е побаран поткуп за здравствена услуга од страна на лекар или здравствен работник.
По пријавувањето, граѓаните ќе добијат правен совет и во зависност од околностите, ќе добијат помош при иницирање кривични постапки, доколку има индиции дека е сторено кривично дело, помош при изработка и поднесување претставки пред другите надлежни институции и засилен граѓански мониторинг на случаите кои ќе влезат во судска постапка.
Граѓаните може да се обратат на следните адреси, а сите случаи ќе влезат во заедничка база на податоци:
ИРЛ – Булевер Илинден 47-2, 1000 Скопје; +38976302307; irlmacedonia@irl.mk.
Хелсиншки комитет за човекови права – ул. Наум Наумовски Борче 83, 1000 Скопје; 02/3119-073 и 072/278-436; лица за контакт: Наташа Петковска natasha.petkovska@
Македонско здружение на млади правници – ул. Донбас 14-1/6; тел. 02/3220-870, моб. 072/223-963; лице за контакт: Весна Дишлиоска, vdislijovska@myla.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.