Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира до граѓаните да бидат одговорни и совесни потрошувачи и да не наседнуваат на непроверени и непотврдени информации за продажба на додатоци во исхраната преку социјалните мрежи и преку веб платформи на нерегистрирани/неодобрени оператори, бидејќи производите може да бидат и небезбедни, без оглед дали се работи за производи од домашно производство или од увоз.

АХВ потсетува дека нејзините инспекциски служби вршат контроли на работењето на одобрените/регистрираните оператори со храна и со додатоци во храната, односно, на сите компании кои се дел од легалниот синџир на производство и трговија, вклучително и на оние кои вршат електронска продажба на своите производи.

Купувањето вакви производи преку социјалните мрежи и веб платформи на нерегистрирани/неодобрени оператори, без потрошувачите претходно да се информираат дали истите се одобрени или не, е на нивна лична одговорност. Дали додатоците кои се продаваат преку социјалните мрежи или преку електронски медиуми се одобрени од АХВ, односно дали ги исполнуваат општите и посебните услови за безбедност на оваа категорија производи, граѓаните можат да се информираат на интернет страната на АХВ – www.fva.gov.mk – Регистар на производи што ги исполнуваат посебните барања за безбедност како додатоци на исхрана https://drive.google.com/file/d/1XhW_rPsSy3DkoeJp6ejo7CKMTFxkulEc/view, наведува АХВ.

На оваа категорија продавачи АХВ нема можност да направи контрола, бидејќи лицата се непознати и со непозната адреса. За утврдување на автентичноста на профилот од каде се врши продажбата и за откривање на лицето – сопственик на ФБ профилот, АХВ соработува со Министерството за внатрешни работи.

Секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната, вклучително и на додатоците во храната, потрошувачите можат да ја пријават во Агенцијата лично, писмено, електронски на info@fva.gov.mk, или на бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22, нагласува АХВ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.