На местото на досегашниот залутан министер од ДУИ, Насер Нуредини, за нова министерка за животна средина е предложена Каја Шукова, поранешна претседателка на Комисијата за животна средина во СДС, велат од Левица, потенцирајќи дека Шукова, иако долгогодишно вработена во Министерството за животна средина, единствено јавноста ја знае по скандалозниот предлог-Закон за справување со отпад, кој предвидуваше отпадот од европските земји да заврши во Македонија.

Објаснуваат дека со европско знаме, Шукова беше предлагач на овој контроверзен закон, кој предвидуваше да се тргне забраната за увоз на отпад за производство на РДФ гориво.

Левица уште тогаш алармираше дека Шукова лобира за странските инвеститори да основаат компании за преработка на увезен отпад, кој е забранет во земјите на ЕУ, претворајќи ја Македонија во најголемата европска депонија!

Дополнително, како Секретар во Министерство за животна средина и просторно планирање, Шукова е позната како ревносен бранител на контроверзната фирма за депонирање отпад во Гевгелија, „Go Waste Solution”. Таа е единствен (и досега незапамтен случај) на службеничка вработена во МЖСПП која тужеше еко-активисти, со цел да ја заштити гевгелиската фирма за депонирање отпад.

Ако Каја Шукова, од позиција на секретар стоеше во одбрана на фирмите што Македонија ќе ја претворат во депонија на европскиот отпад, можеме да претпоставиме што ќе се случи кога таа ќе биде избрана за министер за животна средина.

Многу е извесно дека таканаречените Зелени агенди за време на идното министерување на Шукова ќе поминуваат во согласност со бизнис-интересите на поединци блиски до власта, a на Македонија ѝ се заканува реалната опасност да стане депонија за европски отпад, се вели во соопштението од партијата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.