Новиот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Ислам Абази, денеска даде заклетва пред Советот на јавни обвинители, а потоа во просториите на обвинителство ја презеде функцијата од Вилма Русковска.

На примопредавањето на функцијата Абази и Русковска дискутирале за досегашната работа на обвинителството и работата која претстои.

По полагањето на заклетвата во Советот на јавни обвинители, Абази пред новинарите се обиде да ги објасни фотографиите на кои е со лица поврзани со владејачката Демократска унија за интеграција.

Јас во период на викенди и одмори излегувам и планинарам. Хоби ми се ловот и планинарењето. Во тие делови се среќавам со луѓе и се поздравувам. Искачувањето на еден врв е радосен момент, и се практикуваат слики од формално-правен аспект. Со Бејта таму сме се нашле случајно. Мојата мајка потекнува од Гостивар и се знае со господинот Бејта. Тие имаат познанство. Така што, се сретнавме на врвот, и ништо повеќе од тоа, кажа денеска новиот шеф на ОЈО за организиран криминал за фотографијата со Бејта, на која се речиси исто облечени во зелен комплет, и се гушнати.

Но позагадочна е неговата фотографија со братот на лидерот на ДУИ Али Ахмети, на која врз Абази седи човек, а во истата линија најгоре, буквално го јава со едната нога братот на Ахмети.

По однос на другите фотографии, јас и моите родители потекнуваме од Зајас. Тоа е село како што знаете и се случува јас и моите родители да бидеме поканети со многу луѓе на иста свадба или настан. На таа фотографија со братот на Ахмети, сме повикани на свадба. Сме се сретнале таму, и тоа е. На тие свадби ние никогаш не сме зборувале ни за предмети, ниту пак за политика, кажа тој.

Ислам Абази доаѓа на местото на Русковска откако на непосредните избори на 7 ноември, кои беа организирани според новиот Закон за јавно обвинителство, освои 66 гласа или само два повеќе од скопскиот обвинител Ермон Незири.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.