Високи 70 отсто од средношколците се сведоци се на насилно однесување во нивните училишта, но истото не го пријавуваат од бројни причини, меѓу кои не знаењето кому да пријават или како да пријават, а да останат аноними пријавувачи. Висок процент на ученици, односно 82,3%, одговориле дека наставниот кадар посветува најмногу време на ваква едукација.
Ова го истакна Бојана Мијовиќ Христовска, програмската директорка на тинк тенк организацијата „Аналитика“ при отворањето на настанот „Промовирање на култура на мир и спречување на насилство во образование систем во Макеоднија“.
Тинк тенк организацијата „Аналитика“ спроведе квантитативно истражување со учениците од три средни училишта на територијата на Град Скопје (СУГС „Здравко Цветковски”, СУГС „Зеф Љуш Марку “и СУГС”„Шаип Јусуф”).
Мијовиќ Христовска истакна дека дури 62,7% од учениците потврдуваат дека насилството е често или постојано присутно во училишната средина. Најголем број од нив го препознаваат физичкото насилство кое во голема мера е највидливо, а според учениците во висок процент е присутно психичкото и сајбер насилството.
Истражувањето беше спроведено на репрезентативен примерок од 305 ученици во училишта со мешан етнички состав. Целта на ова истражување беше да се утврдат видовите на насилство на кои се изложени учениците во средните училишта, согледување на улогата на наставниците во превенција и делување при насилно однесување во училиштата, но и на останатите чинители во образовниот систем како што се психолошко-педагошката служба, надлежните институции и родителите.
.
Анета Трпевска, државната секретарка од Министерството за образование и наука имаше воведено обраќање на настанот при што истакна дека исклучиво е важно да се негува култура на мир и ненасилство во образовниот систем во Македонија. Воедно укажа на сите реформи кои Министерството ги подготвува во насока на спречување на насилството и ја потврди потребата од понатамошна едукација на сите чинители во овој процес, со цел рано детектирање на формите на насилство и спречување на истите. Дополнително истакна дека Министерството за образование и наука останува партнер во овој процес.
Маја Христовска од Аналитика напомена дека кај 43% од учениците доминира одговорот дека насилството е најчесто прекинато од страна на наставниците во училиштето, што посочува на важноста на улогата на наставниот кадар во креирањето на безбедна училишна средина. Воедно истакна дека високи 83,6% покажуваат дека девојчињата се почестите жртви на родово базираното насилство во училиштата. Родово базираното насилство како и родовата рамноправност се уште претставуваат една од најгорливите теми во нашата заедница, па и во училиштата. Кога зборуваме за нашето општество, можеме и да додадеме дека родово базираното насилство се третира како табу-тема, отсуствува едукација, како и помош и поддршка на младите девојки.
Професорите од трите средни училишта на територијата на Град Скопје на панел дискусијата истакнаа дека училиштата, се исклучително важни во процесот на препознавање и пријавување на случаите на насилство, каде може рано да се открие насилството врз децата, со цел спречување на истото. Важно е да се воспостави отворен и коректен однос помеѓу учениците, наставниците и родителите бидејќи тоа помага во намалување на насилството во училиштата.
Потребно е стручната служба да работи на развој на конкретни програми за подигање на свесноста за постоење на насилството, на многу повисоко ниво. Потребна е едукација на учениците за превенција од насилство, што ќе придонесе во намалување на насилството во училиштата. За таа цел, клучно е континуирано да се вложува во личниот и професионалниот развој на наставниот кадар и стручните служби во училиштата, со цел истите да стекнат и развијат поголеми вештини и компетенции кои би придонеле во креирањето на подобра училишна клима.
Истражувањето е изработено во рамки на проектот „Развој на култура на мир и превенција на насилство, како основни вредности во образовниот систем во Македонија”, што го спроведува Аналитика – Скопје, со финансиска поддршка од Амбасадата на Канада за Србија, Црна Гора и Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.