На 24 јуни, со почеток во 20 часот, во концертната сала на Македонската филхармонија ќе гостува Белградска филхармонија предводена од славниот маестро Зубин Мехта во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“. Мехта ќе го предводи оркестарот на Белградската филхармонија во изведбата на Симфонијата бр.7 од Лудвиг ван Бетовен и „Фантастичната симфонија“ од Хектор Берлиоз.

Со своите 87 години, маестро Мехта важи за еден од најзначајните диригенти на светската музичка сцена, на која е присутен повеќе од 60 години со своите настапи кои денеска важат за историски. Концертот со кој Белградската филхармонија одбележува и 100 години од основањето ќе биде негов 11 настап со овој оркестар.

Концертот со Белградската филхармонија ќе биде трет настап на славниот маестро во Скопје – првиот беше во 1967 година кога настапи со Филхармонискиот оркестар на Лос Анџелес во Универзалната сала, вториот во 2007 година кога го предводеше концертот на Израелската филхармонија во „Метрополис арена“ на Скопскиот саем.

Одбележувајќи 100 години од своето постоење во 2023 година, Белградската филхармонија денес е позиционирана како најдобар оркестар во регионот и ансамбл што претставува освежување на меѓународната концертна сцена. Според пишувањата на меѓународните медиуми, Белградската филхармонија е култен српски оркестар (Financial Times), еден од водечките европски оркестри (Independent), оркестар кој гледа само напред (Washington Post), и ансамбл кој со себе носи голема доза на наследство и гордост (New York Times).

Специфичниот имиџ, кој е резултат на инвентивните уметнички концепти и на креативниот маркетинг, влијаел на препознатливоста на оркестарот. На тој начин, Белградската филхармонија брзо привлекла многу познати имиња од класичната музика, кои ја дале својата поддршка на нејзиниот понатамошен развој. Меѓу нив посебно се издвојува повеќедецениското пријателство со Зубин Мехта, кој редовно одржува добротворни концерти со оркестарот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.