По неполн месец од претставувањето во Скопје, и во градот Куманово во прекрасна, вознесена атмосфера се одржа промоција на Зборникот на трудови наречен „Антево дело“. Низ програмата на овој настан водеше Ана Манасиевска, студент на Катедрата за македонска книжевност и литература на Универзитетот „Св, Кирил и Методиј“ во Скопје. Во воведот, таа даде кус пресек на досегашните изданија на Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски-Антево перо“. Притоа, посебно ги посочи петте досега реализириани Конкурси за необјавена поетска книга на македонски јазик со доставени рекордни 392 наслови во конкуренција за наградата „Антево перо“, петте издадени победнички збирки, многуте поетски читања, и се разбира двата одржани симпозиума со идентичен наслов „Антево дело“ , од кои вториот е со меѓународен карактер.
Зборникот посветен на Антевото грандиозно дело, со одбрани зборови го претстави проф. д-р Кристина Николовска. Во инспиративното обраќање ,таа, меѓу другото, истакна: „Зборникот е значаен фундамент на големиот научен растајнувачки процес, кој доживеа особен подем со појавата и активностите на „Меѓународната поетско-културна манифестација Анте Поповски – Антево перо“, која покрена одржување на Меѓународен научен симпозиум кој во 2019 и во 2021 година во родното авторово Лазарополе. Зборникот од 2021 година донесува драгоцени истражувања и интерпретации кои сериозно ја збогатуваат литературната и културолошката наука за делото на великанот Анте Поповски. Зборникот „вдоми“ дванаесет реферати од еминентни литературни научници, критичари, теоретичари, лингвисти, музиколози, културолози кои истражуваа, анализираа и толкуваа разни аспекти на грандиозното дело на поетот и академик Анте Поповски. Симпозиумот е континуум кој отвора нови, можни перспективи, преку кои темелно, продлабочено и студиозно се откриваат нови и неистражени аспекти, квалитети и вредности на неговиот опус“.
Присутните поклоници на културата во Куманово, имаа ретка можност да ја проследат и изведбата на беседата ИМАЈТЕ ИСТ ВЕК СО СОНЦЕТО! (Анте и Македонија. Македонија и Анте.) Со својот препознатлив ораторски стил и јазик, проф. д-р Кристина Николовска, разгалувајќи ги видливо срцата на присутните, меѓу другото, рече:
И на небото му кажа
И на небото му кажа за Македонија
И на ѕвездите им шепна да ни се најдат
И на историјата на светлината и раскажа за нас
и очите и ги виде и таму не запиша
и каде ли се не не одведе големиот Анте,
та да не прослави со словото ни?!
Ноќта е тајна врска со незнајното…
Ноќта е сестра на тајните…
Ноќва, ноќта е океан од Анте
оти насекаде како Сина птица разлетан му е стихот,
и сите камбани на сознанието ќе одекнат ноќва,
а нашите грла се потресни камбаани,
кои низ крик и низ болка го бараат него…
Генијалниот Анте…
Колосалниот Анте Поповски…
Џин на мислата и на стихот…
…Та тој со сонцето не рамни, нас, недостојните му, тој што најубаво го „читаше“ и „преведе“ ракописот на нашите страдалнички солзи, тој што семето и словото и јазикот ни – ги извиши на највисоко, кажувајќи пред сиот свет дека:
„Нема ништо поголемо од големиот македонски јазик.“
Во НУЦК “Трајко Прокопиев“ во Куманово, во интерпретација на студентот на Катедрата за македонска книжевност и литература на Универзитетот „Св, Кирил и Методиј“ од Скопје, Милан Додевски, прозвучи и песната „Две тишини“, а присутните имаа ретка можност да слушнат и видат кус рецитал-изворно со гласот на Анте Поповски, но и снимки од негови песни во изведба на артистите Софија Гогова Врчаковска и Игор Џамбазов!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.