Збирката на движно културно наследство ФОНД 580 „Браќа Манаки-Битола 1853-1964“ која се наоѓа во Државниот архив на Република Македонија – Одделение Битола е прогласена за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење.
Владата донесе одлука со која на оваа вредна Збирка ѝ е овозможено трајно зачувување во изворна состојба; се обезбедуваат поволни услови за опстанок на исклучителната документација и задржување на сите податоци што ги носи со себе како сведоштво. Високиот степен на заштита овозможува ширење на сознанијата за вредностите и значењето на Збирката и за нејзината улога во културната идентификација, а се спречуваат и секаков вид дејствија, појави и влијанија со кои се врши или може да настане оштетување или деградирање.
Збирката ФОНД 580 „Браќа Манаки-Битола 1853-1964“ содржи документација, фотодокументација и предмети од професионалниот живот на браќата Милтон и Јанаки Манаки или вкупно: 1.253 архивски единици документација со 3.867 листови; 7.041 фотографии позитиви (хартиени копии); 6.702 стаклени негативи (4.951 заведени со описи, 1.751 заведени без описи); 1.071 рол филмови; 2.087 план филмови; 49 единици фото и кино опрема; 1.364 страници Научно-информативно средство.
Збирката заради својствата како автентичност, реткост, репрезентативност, разновидност, интегралност, зачуваност, старост, втемеленост и припадност, како и заради критериумите уникатност, исклучителност, впечатливост, влијателност, поврзаност и висок степен на автентична зачуваност е сведоштво за едно време кое е од поширок интерес за проучување на мултикултурната балканска демографска структура општествено економските и културно историските прилики од регионална и европска важност, стои во образложението на одлуката.
Со прогласувањето на Збирката на браќата Манаки за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење, овие над илјада и двесте артефакти добиваат режим на заштита од прв степен, што значи дека доброто ќе добие трајна заштита и систематизација што ќе овозможат едукативна програма за општествено-социолошки, културни и историски теми, нејзина дигитализација и можност за истражувачки, публикациски и други репрезентативни потреби кои вклучуваат јавно користење и достапност на доброто.
Одделението во Битола на Државниот архив, ќе овозоможи поголема вклученост на јавноста и меѓународна афирмација на богатото културно наследство содржано во оваа збирка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.