Издавачката куќа „Арс Ламина“ го заокружува проектот „Порта Европа“ со завршна изложба насловена „Поглед кон Порта Европа“, што ќе кулминира со финален промотивен настан утре, 30 мај (четврток), со почеток во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Скопје сити мол“.

Водителот на настанот ќе се осврне на две и полгодишното посветено работење на развивањето на книжевната едиција „Порта Европа“, што го придружуваа многубројни активности: поддршка на млади и дизајнери во подем преку организирање конкурс за дизајн на корици за шесте книги од едицијата, промовирање на преводната книжевност со високи уметнички вредности приопштена на македонски јазик, едукативни посети за ученици во основното образование со цел запознавање со еколошките практики во печатењето книги, како и запознавање со старите техники за рачна изработка на хартија и рачно печатење книги и сл.

Изложбата беше поставена и отворена на 23 мај (четврток), при што посетителите на книжарницата „Литература.мк“ изминатите денови имаа можност да ги погледнат победничките идејни решенија на кориците за романите од едицијата „Порта Европа“, но и дизајните што беа разгледувани во потесниот избор при жирирањето на пристигнатите предлози.

Едицијата „Порта Европа“ ја сочинуваат шест извонредни прозни дела, добитници на Европската награда за книжевност што ја доделува Европската унија, кои во себе носат приказна од сопствениот културен контекст, а истовремено меѓусебно се допираат во интроспективните аспекти и отсликувањето на внатрешните борби на носечките ликови. Станува збор за романите „Кожата е еластичната обвивка што го опфаќа целото тело“ од Бјорн Расмусен, „Градина од стакло“ од Татјана Цибуљак, „Приказна за духовите“ од Лаура Фројденталер, „Книга за тагата (Приказна за Нилс во шумата)“ од Марија Наваро Скарангер и „Лекцијата на месечарот“ од Фредерико Педреира, како и збирката раскази „Почитувани бубачки и други морничави приказни“ од Маша Колановиќ. Сите се преведени на македонски јазик од изворниот јазик, од страна на висококвалификуваните и наградувани преведувачи: Искра Бадева (дански и норвешки јазик), Ермис Лафазановски (романски јазик), Ксенија Чочкова (германски јазик), Весела Моловска (португалски јазик) и Дејан Василевски (хрватски јазик).

Настанот „Поглед кон Порта Европа“ е дел од првото издание на фестивалот за литература и општа култура „Видик“, кој е во организација на „Литература.мк“. Издавачката куќа „Арс Ламина“ е партнер за книжевната програма на „Видик“.

Проектот „Порта Европа“ е кофинансиран од Европската унија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.