Со проекцијата на филмот „Нема да си сама“ на режисерот Горан Столевски, заврши 21-от меѓународен фестивал на европски филм „Синедејс“. Под слоганот „Од високо подобро се гледа“ и годинава фестивалот на нестандардни простори за проекции низ Скопје обедини повеќе од 15.000 вљубениците на европскиот филм.

Беа прикажани 50 филмови, а куриозитет беше ексклузивната Гала селекција, на која беа прикажани филмовите од неодамна завршениот Кански филмски фестивал.

Го отворивме и затворивме фестивалот со две македонски режисерски имиња, Даријан Пејовски и Горан Столевски. Имавме ексклузивитет со проекии на канските филмови. Ни гостуваа регионални и европски режисерски имиња како гости. Полни проекции и работилници. Вака сумирани резултатите ни дозволуваат да бидеме презадоволни од овој „Синедејс“ и веднаш да се впуштиме во подготовка на новото 22 издание со овој стандард пред нас, кој ни покажува дека ние тимот на МКЦ можеме и знаеме, рече Маргарита Арсова, координаторка на „Синедејс“.

Режисерот на „Нема да си сама“ Горан Столевски со актерката Сара Климовска

На затворањето на фестивалот беа доделени и наградите во двете фестивалски програми: Официјална селекција и SEE (South Eastern Europa) селекција:

Официјална селекција

Златна ѕвезда ја добива „107 мајки“, во режија на Петер Керекеш

За авторовото чувствително и суптилно истражување и прикажување сложени ликови, за неговиот неосудувачки поглед, но во рамките на јурисдикцијата и за автентичниот пристап што го погодува гледачот со силно емотивно влијание, наградата за Најдобар филм во Официјалната селекција или ЗЛАТНА ЅВЕЗДА ја добива „107 мајки“, во режија на Петер Керекеш.

Сребрена ѕвезда за „Оркестар“, во режија на Матеуж Лузар

За прецизноста и амбицијата во филмски стил, кои се успешно и убедливо исполнети, притоа водејќи екипа од голем ансамбл, наградата за Најдобра режија или СРЕБРЕНА ЅВЕЗДА оди кај најлошата група патници од „Оркестар“, во режија на Матеуж Лузар.

Сина ѕвезда за „Други луѓи“ за Александра Терпинска

Пишувањето сценарио е еден од најтешките аспекти во процесот на снимање филм. Дотолку повеќе кога не само приказната, туку и дијалогот има и ритам и рима со чија помош приказната се раскажува на уникатен и соодветен начин. Наградата за Најдобро сценарио во Официјалната селекција или СИНА ЅВЕЗДА ја добива Александра Терпинска, за филмот „Други луѓе“.

Специјално прзнание за Наталија Теодосиева за улогата „Мими“ на Даријан Пејовски

За динамичната изведба што ја истакнува суптилната темнина зад секоја невозможна желба, специјално признание добива Наталија Теодосиева, за нејзината главна улога во „Мими“ на Даријан Пејовски.

SEE (South Eastern Europa) селекција

Специјално признание за режисерот Иван Бакрач за филмот „По зимата“

За верен приказ на генерација што трага по сопствениот сексуален, политички и колективен идентитет и кохерентноста евидентна во неговиот убедлив дебитантски игран филм, специјално признание добива Иван Бакрач за „По зимата“.

Златно сонце за најдобар филм за „Вера сонува за морето“ на Калтрина Красниќи

Во патријархално општество чиишто темели биле изградени врз жртвите на безброј жени, замолчени и невидливи низ историјата, катарзично е да се биде сведок на хуманоста и издржливоста на жените денес, кои го враќаат она што отсекогаш и со право им припаѓало. Со своето повеќеслојно портретирање на човековата природа, чудесната камера и извонредната глума што ја доловува комплексноста на женскиот род со генерации наназад, ова филмско деби открива жесток нов глас од режисерка што силата ја гледа во тивките фигури. Наградата ЗЛАТНО СОНЦЕ за најдобар филм ја добива „Вера сонува за морето“ на Калтрина Красниќи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.