Во рамките на програмата на Филхармонија, вечерва ќе биде изведен концерт со дел од маестралните творби на славниот полски композитор Збигњев Прајснер. Концертот носи наслов „Круг”, а заедно со оркестарот на Филхармонијата ќе диригира маестро Николас Чалмерс од Англија. Гости се сопранот Филипа Бојл од Англија и хорот „ПроАрс”, кој го подготви маестро Сашо Татарчевски.

За жал, и покрај тоа што веќе било договорено гостување на врвниот композитор во Филхармонија, тоа било откажано. За новиот в.д. директор Даниел Лазаревски, очигледно името на Прајснер не значи ништо. Редакцијата на „Република“ пред два дена се обрати до директорот со прашање зошто е откажано гостувањето на полскиот композитор, кој е еден од најдобрите филмски композитори во светот, а голем дел од неговото творештво е создавано за филмските остварувања на генијалниот Кшиштоф Кишловски, но до објавувањето на овој текст не добивме одговор.

Неговото присуство во Скопје како почесен гостин, немаше да ја збогати само музичката архива и сцена на Филхармонија, туку ќе беше од несомнено големо значење за целокупната култура во Македонија. Вистинска реткост е вакви имиња кои оставиле силен печат во музичката историја во светот, да го посетат Скопје. Но, недостигот на знаење, познавање на материјата, на општата култура, недостигот од чувство за тоа што и колку е вредно и каков културолошки растеж и престиж државата ќе добие ако биде домаќин на име како што е маестро Прајснер, ја доведува во прашање целокупната програмска политика на Филхармонија, која во пресрет на 80 годишнината од одбележувањето од нејзиното формирање, ќе потклекне под знакот на неписменоста.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.