Во Драмски театар на 20 и 21 декември во 20 часот ќе се реализираат премиерните изведби на претставата „За нас почнува живот“. Претставата се игра на Мала сцена и улогите ги толкуваат Биљана Драгиќевиќ Пројковска и Нино Леви, режијата е на Дејан Пројковски. Оригиналниот наслов на драмскиот текст е „Прав“ на унгарскиот автор  Ѓерѓ Шпиро.

Костимограф на претставата е Марија Пупучевска, автор на музиката Горан Трајковски. Асистент на режија е Дамјан Димовски, преводот е на Маја Бражанска а изработката на плакат и видео е на Стојан Стојановски.

Маж и жена се борат и лутаат низ животните патишта и никако не успеваат да ја искачат својата животна планина, да ги победат своите проблеми и таму на врвот да уживаат во најубавото изгрејсонце и поглед на море . И токму кога сметате дека угоре е високо, а удолу длабоко добивате милиони на лото. И како понатаму…Претставата е со многу трагикомични ситуации, но и со многу комични дијалози кои не потсетуваат дека животот е убав и без добивка на лото.

Во што се претвори денес современиот човек, во што верува, во што се надева, има ли љубов во себе. Претставата се занимава со големите прашања за смислата на животот на малиот човек. Шпиро пишува како модерен  Чехов, повторно за МАЛИОТ ЧОВЕК СО ГОЛЕМИ СОНИШТА. Современиот човек живее постојано со истите проблеми, очекувања и прашања. Можна ли е ИНСТАНТ СРЕЌА. Можно ли е еден ден да се разбудиме и во огледалото конечно да го погледнеме идеалниот човек, победникот, бесмртниот, најубавиот…

Има ли начин конечно ЖАБАТА да се погледне во огледало и да види дека е ПРИНЦ.

Нашите ликови се дел од проектот на  Диоген,кој што тргнал сред бел ден со свеќа во раката да го бара човекот. Оваа претстава е бурно трагикомично патување низ душата на малиот човек.

Претставата е смешна бидејќи таков е животот, но претставата е и тажна бидејќи како што знаеме таков е животот.

Претставата не се занимава со општите и глобалните планетарни теми. Светот одамна го заборави човекот. Светот престана да го бара човечкото во човекот. Секој човек е мал универзум, а ние заборавивме да зборуваме за тој мал универзум, заборавивме да се запрашаме што се случува со човекот.

„За нас почнува живот” е претстава за човекот, за оној мал човек што го сретнуваме на улица секој ден , што работи со нас , што ни е роднина, за оној мал човек што го гледаме секое утро во огледалото, вели Дејан Пројковски во режисерката белешка.

Ѓерѓ Шпиро (1946, Будимпешта) е еден од најпознатите современи унгарски писатели. Дипломирал унгарска и словенска книжевност, а потоа новинарство и социологија. Дејствието во неговите романи често е просторно и временски изместено, но затоа секогаш во нив се наметнуваат силни паралели со денешницата : „Ѓерѓ Шпиро може да направи нешто на што другите писатели може да му завидуваат – тој може да се движи низ времето.” (Имре Кертеш)

Шпиро пишува романи, раскази, драми, поезија, есеи, исто така тој се занимава со историја и теорија на книжевноста. Како голем познавач на многу светски јазици посебно на словенските (полски,руски,словачки,српски) тој ја напишал единствената студија за развојот на драмата во Средна и Источна Европа, а помеѓу неговите дела од историјата на книжевноста се истакнува монографијата за Мирослав Крлежа. Со својот авангарден стил, ликови од маргините, со богат и сочен јазик Шпиро секогаш умее да ја шокира традиционалната унгарска критика. Неговите драми се добитници на голем број награди и признанија, повеќе пати ја освојувал и главната награда за Најдобра унгарска драма на годината. Драмскиот текст „Пилешка глава” (1986) е оценет како најважна унгарска драма во последните 30-тина години. Помеѓу бројните награди се издвојуваат Кошутовата награда, Наградата Атила Јожеф, Награда на унгарската театарска критика „Тибор Дери”…

Ѓерѓ Шпиро – професор на Академијата за драмска и филмска уметност во Будимпешта и член на Унгарската академија за книжевност и уметност.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.