Кумановскиот театар утревечер премиерно ќе ја изведе претставата „За кого бијат камбаните“ по текст на Ернест Хемингвеј, во режија на Мартин Кочовски, информираа на денешната прес-конференција, театар Куманово.
За актерите оваа претстава е особено важна, бидејќи учествува целиот тим, токму во година кога тетар Куманово одбележува 75 години од постоењето.
Режисерот Мартин Кочовски кажа дека по 20 години повторно работи со екипата на кумановскиот театар и дека токму првата претстава ја работел со театарот од Куманово.
Претставата е огромна, бара многу енергија, епска е, грандиозна и зборува за светската тага, за најлошите времиња и ќе допре до публиката на секој начин, и емотивен и возбудувачки, нагласи Кочовски.
Актерите Кети Дончевска Илиќ и Горан Илиќ и младите Чедомир Митевски и Мишо Димитриевски изразија задоволство од реализацијата на претставата, укажувајќи дека од односот на режисерот и очекуваат публиката да ужива, бидејќи самата претстава е голема и нуди голема енергија. Покрај нив во претставата играат и Давид Илиќ, Нина Максимова, Антонио Димитриевски, Дубравка Киселички, Жарко Јовановиќ, Владо Дојчиноски, Александра Михајловска, Мирослав Петковиќ, Јанка Лефкова.
Во фокусот на претставата „За кого бијат камбаните“, како што пишува драматургот, Митоска-Ѓорѓиевска се наоѓа огромната обединувачка моќ на хуманоста и сочувството, но и големината и нескршливоста на човечкиот дух во безизлезни ситуации, а особено кога човек е исправен пред смртта. Вредноста на човечкиот живот, линијата меѓу моралното и неморалното и смислата на постоењето која произлегува од љубовта се дел од темите кои ги отвора оваа претстава.
Претствата е поддржана од Министерството за култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.